Путин вети, но Газпром не исполни: Русија нема да пушти повеќе гас за Европа

243

Русија избра да не го зголеми снабдувањето со природен гас за Европа, со што ги „олади“ надежите дека Москва ќе ја ублажи енергетската криза во земјата по говорот на претседателот Путин.

Нестрпливо очекуваните резултати од тендерот во понеделникот покажуваат дека рускиот државен гигант за гас Газпром не резервирал дополнителен капацитет за ноември ниту преку гасоводот што минува низ Украина, ниту преку цевките за Западна Европа што минуваат низ Полска, пренесе CNBC.

Газпром резервираше само 30 милиони кубни метри дневно преку Јамал Европа за ноември – исто колку и во септември. Нема резервирани количини преку украинскиот гасовод.

Аналитичарите нагласуваат дека Русија не брза да го зголеми снабдувањето во регионот, а резултатите од аукцијата се дополнителен доказ дека Москва се надева дека ќе ја „свитка раката“ на Германија за брзо одобрување на Северен тек 2.

Тие доаѓаат кратко време по ветувањето на Путин дека Русија е подготвена да и помогне на Европа со зголемување на залихите.

Русија е најголемиот снабдувач со гас за Стариот континент, што претставува 43 проценти од увозот на Европската унија минатата година, според Еуростат.

Европратениците и директорот на украинската државна енергетска компанија Нафтогас нагласија дека Газпром намерно го задржува гасот за да ја продлабочи кризата во Европа.

Во необична изјава, Меѓународната агенција за енергија, исто така, упати обвиненија против Москва.

Случајно или не, во понеделникот операторот Северен тек 2 објави дека го наполнил првиот дел од гасоводот со таканаречен технички гас и сега е подготвен да започне со испорака.