Фото: Pexels
Просторот каде што работите има големо влијание врз вашиот успех кога започнувате бизнис. Затоа, од голема важност е да одберете работен простор што ќе ви овозможи да постигнете оптимална продуктивност и ефикасност. Coworking просторот и работењето од дома се најчест избор кај малите бизниси. Кога одлучувате во каков простор ќе го развивате вашиот бизнис, имајте ги предвид предностите и оптоварувањата што ги имаат овие две работни средини.
Работењето од дома е начин да заштедите пари, бидејќи не треба да плаќате наем за простории, не трошите време за да стигнете до работа и имате нула трошоци за превоз. За користење на coworking простор се плаќа одредена сума, но ако сакате да бидете во средина со професионалци, работењето во ваков простор е добра опција.
Мирот и тишината се предности што ги нуди работењето во домашна атмосфера. Во зависност од тоа со што се занимавате работењето од дома (самостојно) може да биде добро за вашиот бизнис ако ви е потребна тивка атмосфера. Една од предностите на coworking просторот е можноста за вмрежување. Во ваквите простори честопати се одржуваат настани и менторски сесии, коишто може да бидат одлична можност за да научите, да добиете идеја, запознаете инвеститори…
Во coworking просторот има луѓе со различни професии и искуства кои може да ви дадат повратни информации и да ви помогнат да ја подобрите вашата бизнис идеја или производ. Работењето во ваква средина поттикнува мотивација и инспирација.
Врз продуктивноста влијае одвлекување на вниманието. Во зависност од атмосферата којашто владее во вашиот дом, работењето од дома може да биде квалитетно, ако нема кој да ви го одвлекува вниманието. Но, кога има други луѓе околу вас, продуктивноста се намалува и се дефокусирате. Од друга страна, во coworking просторот владее работна атмосфера и опкружени сте со луѓе кои се дојдени да ја завршат работата.