Работата од дома стана алатка за одржување на многу бизниси во живот во услови на пандемија, а на вработените од една страна им го олесни работењето, но им создаде потреба од балансирање меѓу приватниот и професионалниот живот.
Тоа е така бидејќи многу вработени буквално си ја донесоа работата дома, што од нив бара разграничување на времето за работа и времето што треба да се помине во домот со семејството.
Магазинот Harvard Business Review пишува дека преку Workplace Analytics и дополнителни анонимни анкети дошле до интересни податоци околу работата од дома. Податоците покажуваат дека бројот на состаноци и нивното времетраење е во пораст, но дека поединечните состаноци се почести, но и пократки од 30 минути. Оваа практика за намалување на времетраењето на состаноците е своевидна пресвртница во светот на бизнисот.
Она што може да се забележи е дека луѓето кои работат од дома мора да бидат умешни во “жонглирање“ со обврските на работа и дома, па така го “цепкаат“ работењето во неколку сегменти. Факт е дека пред компјутерот поминуваат повеќе од осум часа, колку што вообичаено би поминале да работат од канцеларија. За да може да сработат што е можно повеќе активности, многу од анкетираните по семејниот ручек, повторно седнуваат пред компјутер или тоа го прават штом заспијат домашните. На ваков начин, работата од дома, предизвикана од пандемијата, перфидно ја создаде “третата смена“.
Магазинот пишува дека тоа доведува до продолжено работно време што вработените ѝ го “подаруваат“ на компанијата, а трае околу четири часа неделно. Како причина за тоа се наведува фактот што вработените “крадат“ дел од работното време за извршување различни домашни задачи и активности, па потоа компензираат што продолжуваат да работат во вечерните часови или го завршуваат работниот ден подолго од вообичаено.
Фото: Freepik