Работилница за производство на биогорива од втората генерација

31

Централно европската иницијатива, Регионалниот Совет за соработка и Факултетот за електротехника и информациски технологии (ФЕИТ), вчера одржаа национална работилница за унапредување и развој на локалната економија преку производство на биогорива и рурални иновации, во рамки на ЕУ проектот Унапредување на соработката во Jугоисточна Европа со помош на активности за зајакнување на Регионалниот совет за соработка (RCC).

На работилницата беше истакнато дека производство на биогорива од отпад е иднината на енергијата на просторите од Југоисточна Европа.

Според одредена директива на Европската Унија, вкупно 28% од вкупната потрошена енергија во Македонија, до 2020 година, треба да биде произведена од обновливи извори на енергија.

“За да се избегне натпреварот меѓу храната и енергијата, се преминува кон втората генерација биогорива. Производството на биогорива од храна предизвика низа проблеми, како што е зголемување на цената на чинење на храната и нејзина употреба за енергија наместо за прехрана, како и уништување на биодиверзитетот. Затоа, сега преминуваме кон производство на биоенергија од отпаден материјал. Како држави од ЈИЕ имаме две можности: или да (о)станеме енергетски зависни (да увезуваме био-енергија) или сериозно да се позанимаваме со нејзино производство од отпаден материјал и создавање нови работни места”, објасни Мирослав Спасојевиќ, консултант на проектот.

На работилницата беше истакнато дека овој вид биоенергија има огромен енергетски интензитет во земјите на Западен Балкан, но за жал, тој потенцијал не се следи со соодветни инвестиции и не е искористен во соодветна мерка. Од друга страна, овие извори на енергија имаат огромно значење за регионалната сигурност и снабдувањето со енергија.

“Со оглед дека потенцијалите на биомасата се огромни, Регионалниот совет за соработка, преку овој проект, сака да посвети внимание на биогоривата во регионот. Со оглед на строгите европски критериуми што ги наметнува Европа до 2020 година, пример, дури 10% од потрошувачката на енергија во транспортот треба да биде биоенергија. Затоа, нашиот проект ги анализира потенцијалите за производство на биогорива”, вели Мирослав Кукобат, сениор-експерт за енергетика во Регионалниот совет за соработка.

Споредбедно, едно истражување спроведено во 2010 година, покажува дека Македонија, на годишно ниво, би произведувала околу 200.000 тони биогориво, Бугарија 240.000 тони, Хрватска 30.000 тони биогориво.

“По оваа работилница одредени проекти ќе бидат презентирани на следната конференција во Белград, Србија, во јануари 2014 година. На оваа конференција ќе присуствуваат претставници од Европската Унија, донатори и банки кои ќе изразат интерес да ги финансираат овие проекти, но и претставници на институтот Fraunhofer и London Polytechnic School, како раководители на конзорциумот за реализација на еден проект од овие области кој се реализира во рамките на 7-та Рамковна програма”, објасни проф. д-р Христина Спасевска, национален експерт на Регионалната иницијатива за енергетски одржлив развој.

Основната цел на овој проектот, финансиран од регионалниот предпристапен фонд – ИПА 2010 (Instrument of Pre-accession Assistance – IPA Multi-Beneficiary Regional Programme 2010), е да се придонесе кон регионална кохезија во Југоисточна Европа, како и во процесот на приклучување на државите од западен Балкан во Европската Унија.