Рајнметал купува уште една компанија

Германската индустрија за оружје Рајнметал во вторникот објави дека ја купува компанијата за откривање и уништување неексплодирани убојни средства Шташајт.
Примарната активност на Шташајт е откривање, отстранување и уништување на муниција и истражување на контаминиран терен. На среден рок, Рајнметал очекува годишна продажба од околу 80 милиони евра од новата компанија ќерка.

Рајнметал и Шташајт веќе соработуваа на некои проекти, вклучително и откривање неексплодирани мини во Северното Море и одржување на морските фарми со ветерници.

Тие, исто така, соработуваа во уништувањето на неексплодирани убојни средства на дното на Балтичкото Море и долж шпанскиот брег пред да постават подморски кабли.

Минатата недела Рајнметал најави купување на друга компанија, Хагендорн-НЦ, која произведува експлозивни полнења за артилерија и друга муниција.

Бизнисот на Рајнметал вртоглаво порасна по рускиот напад на Украина во февруари 2022 година.

Вредноста на акциите експлодира, бројот на вработени, според првиот човек на гигантскиот концерн Армин Пејпергер, ќе се зголеми од 32.000 на околу 40.000.