Раката во џебот на ЕУ: Грција казнета за милионски измами

Европската комисија и досуди казна од 392 милиони евра на Грција заради неправилното управување со европските земјоделски дотации во периодот од 2016 до 2023 година, пренесува весникот „Катимерини“.

Главниот дел од казната се должи на неадекватниот надзор на грчката Организација за плаќање и контрола на европските дотации (ОПЕКЕПЕ), која беше распуштена кон крајот на мај по обемен корупциски скандал. ЕК во објаснувањето наведува дека Грција го нарушила европското законодавство кое се однесува на финансирањето на Заедничката земјоделска политика.

Драконска казна од Брисел

Според Комисијата, проблемот е систематски и со години отсуствувал соодветен надзор и функционирање на системот за управување со дотациите. Со таканаречена „хоризонтална корекција“, Европската комисија го редуцирала износот на идните дотации за Грција за 5 проценти, а дополнително изрекла казна од 10 проценти за средствата исплатени во 2018, 2019 и 2020 година за поддршка на млади земјоделци.

Највисоките санкции се однесуваат на дотациите за земјоделско земјиште во 2021 и 2022 година – односно 79 милиони и 76 милиони евра. Весникот наведува дека најверојатно казната ќе биде подмирена од државниот буџет, бидејќи алтернативно би морале да се намалат дотациите за земјоделците, што би било политички непопуларно.

Во 2025 година се очекуваше Грција да добие околу 1,9 милијарди евра директни дотации од ЕУ, но сега тој износ ќе се намали за 392 милиони евра заради неправилните исплати. Извори од земјоделскиот сектор за весникот изјавиле дека “ова е само почеток и дека следуваат нови санкции”.

Во март годинава, Судот на ЕУ ја одби жалбата на Грција на претходна одлука на ЕК и ја обврза да ги покрие и судските трошоци. Скандалот избувна кога Европското обвинителство отвори истрага против 100 лица во Грција. Според „Политико“, осомничените давале лажни изјави за поседување или користење пасишта и за земјоделски активности што не ги спроведувале, со што добивале незаконски дотации.

На 19 мај, обвинители од Европското обвинителство, придружувани од 20 припадници на одделот за борба против корупција на грчката полиција, се обиделе да извршат претрес во седиштето на ОПЕКЕПЕ, но се соочиле со опструкции од страна на вработените. По скандалот, грчката Влада го разреши претседателот на агенцијата, а нејзините ингеренции ги пренесе на Независната агенција за јавни приходи.