Рангирање за 2026 година: Kои европски аеродроми нудат врвна услуга, а кои соборуваат рекорди во доцнење

Новото истражување на компанијата AirHelp ги откри аеродромите во Европа кои нудат најдобро, но и најлошо искуство за патниците во 2026 година.

Според анализата, титулата најдобар европски аеродром ја доби Бодо во Норвешка, кој се издвојува по точноста на летовите, квалитетот на услугите и условите за патниците. Истражувањето опфатило 279 аеродроми од 76 земји ширум светот.

Оценувањето се темелело на три главни фактори: навременост на летовите, задоволство на патниците и достапност на услуги и удобности. Најголем удел во оценката имала точноста на летовите.

Бодо, кој се наоѓа во северниот дел на Норвешка, забележал одлични резултати со висок процент на летови што пристигнале навреме. Во европскиот врв се најдоа и аеродромите во Билунд (Данска), Билбао (Шпанија), Берген Флесланд (Норвешка) и Истанбул Хавалимани (Турција).

Најдобро рангирани европски аеродроми во 2026 година:

Бодо – Норвешка
Билунд – Данска
Билбао – Шпанија
Берген Флесланд – Норвешка
Истанбул Хавалимани – Турција

На спротивниот крај од листата се најде аеродромот „Умберто Делгадо“ во Лисабон, кој доби најниска оценка меѓу европските аеродроми во истражувањето. Главен проблем биле доцнењата и слабата точност на летовите.

Ниско рангирани биле и аеродромите Родос Дијагорос во Грција, Манчестер во Велика Британија, Хераклион на Крит и Ница Азурен Брег во Франција.

Најслабо оценети европски аеродроми во 2026 година:

Лисабон Умберто Делгадо – Португалија
Родос Дијагорос – Грција
Манчестер – Велика Британија
Хераклион – Грција
Ница Азурен Брег – Франција

Во креирањето на рангирањето учествувале и илјадници патници кои ги оценувале чистотата, љубезноста на персоналот, времето на чекање, ориентацијата во терминалите, како и понудата на продавници и ресторани.

Резултатите покажуваат дека квалитетното патничко искуство не зависи само од големината на аеродромот, туку и од организацијата, ефикасноста и услугите што ги нуди.

Фото: Pixabay