Расипано јаболко!

254

jabolki-pixabay

Фото: Pixabay

Пред некој ден, седев во кафуле и додека го чекав мојот пријател да дојде, нормално пополнувајќи го времето на најпопуларниот друштвен начин на денешницата, гледајќи во мојот телефон, не можев а да не го слушнам од девојките до мојата маса, муабетот што го правеа. Жими сè, не сакав ништо да слушнам, но едноставно тие ни најмалку не се потрудија да бидат дискретни и тивки и да го сокријат нивниот разговор. Цело време се жалеа на компанијата каде што работат, кажуваа некои работи и тајни од нивното работење на терен, кои сигурен сум не би сакале надворешниот свет да ги знае, го озборуваа менаџерот и веќе знам за која претпоставуваа дека му е швалерка (а бил женет), читаа пораки од колегите кои не знаеле да си ја завршат својата работа и коментираа кој кого заштитува и преферира на работа. Исто така, знам во која фирма пуштиле апликација за работа. Ја знам компанијата, го знам името на колегата, го знам името на менаџерот и неговата можна швалерка. Знам многу непотребни работи за кои сум сигурен дека никој не би сакал да ги знае, а особено еден странец.

Верувам дека девојките кажуваа многу вистини и дека атмосферата на работа не им е баш најрозова и дека нивните менаџери не се грижат многу за нивната мотивација и постигнување на продуктивна работна атмосфера. Но, тоа не им дава за право, јавно да ги кажуваат нивните фрустрации, несогласувања и критики кон колегите, менаџерите или компанијата во којашто работат. Според мене, тоа е големо лицемерие. Таа компанија, каква таква, ви овозможува секој месец да ги платите сметките, да одите со пријателите на кафе, да ги однесете децата на летување или да си ја намалите душевната болка со некое парче облека. Ако не ви се допаѓа климата, компанијата или колегите со кои работите, можете слободно да си одите! Никој не ве држи на работа со пиштол на глава. Покажете барем малку почитување кон таа институција. Ако нешто не ви се допаѓа кажете си, ако не сте задоволни од односот со вашиот колега или претпоставен, кажете му. Немојте да ги криете работите и после да озборувате позади грб, а никако да го правите тоа на јавно место. Што ако јас го познавав директорот на таа компанија, што ако јас бев брат на жената на менаџерот што има швалерка, што ако јас бев директор на компанијата каде што пратиле апликација за работа?!

Во суштина, тоа е проблемот на т.н. интерен или внатрешен ПР или комуникација. Повеќето компании, генерално, се фокусираат на комуникација со надворешниот свет (клиенти, партнери, инвеститори, медиуми, соработници итн.), и со тоа како да ја претстават компанијата во најдобро светло. Помалку се заморуваат со тоа какво е јаболкото од внатре и како да го негуваат, да го пазат и се грижат да не почне да се расипува и гние. Кога еднаш ќе почне процесот за гниење, нема враќање назад.

Клучот за задоволството на вработените и успешноста на компанијата, сепак лежи во менаџментот. Грижете се за своите вработени, дајте им ги сите услови за нормално функционирање (нормално, колку што можете), направете им да се чувствуваат пријатно и како дел од компанијата. Промовирајте отворена комуникација, разговарајте со нив за нивните потреби, желби и проблеми. Пробајте да ги решите, ако сте во можност. Инвестирајте во работилници и семинари за развој и за јакнење на тимскиот дух, одете на неформално дружење (на пијачка) со вашиот тим, потврдете ја нивната добра работа, покажете дека ви се важни. Најдете што го мотивира вашиот тим и работете на тоа.

Знајте дека ефективната надворешна комуникација (ПР) започнува со ефективната внатрешна комуникација (ПР).

Со успех во промените.