Расположението на потрошувачите во еврозоната значително се подобри во јули

28

Расположението на потрошувачите во еврозоната значително се подобри во јули, покажува месечното истражување на Европската комисија, што сигнализира стабилизација во услови на ублажување на инфлацијата и намалени трошоци за задолжување.

Индексот кој го мери расположението на потрошувачите во еврозоната порасна во јули за еден поен во однос на јуни, на минус 13 поени, пресмета Комисијата. Во јуни, пишува Хина, забележа раст од 0,3 отсто.

Подобрување покажува и индексот кој ги следи очекувањата на потрошувачите во ЕУ, според растот на неговата вредност за 0,7 поени, на минус 12,2 поени.

Расположението на европските потрошувачи се приближува до долгорочниот просек, кој, според податоците во извештаите за економската клима, е околу минус 11 поени во еврозоната и околу минус 12 поени во ЕУ.

Потрошувачите беа охрабрени од ублажувањето на инфлацијата во изминатите месеци и намалените трошоци за задолжување.

Во јуни, Европската централна банка ги намали каматните стапки по четиригодишен период на „рестриктивна“ монетарна политика, која требаше да ја намали инфлацијата на два отсто преку ограничување на потрошувачката.

Во јуни, според пресметките на Европскиот завод за статистика, цените во еврозоната се зголемени за 2,5 отсто во однос на истиот период лани.