Распределени ЦЕМТ дозволите за 2015 година

23

По пат на електронска распределба на 455 пријавени правни лица денес Министерството за транспорт и врски им додели ЦЕМТ дозволи за меѓународен превоз на стоки за 2015 година, јавува МИА.

Дозволи добија 1.928 од пријавените 2.069 возила што го исполнуваат еколошкиот стандард ЕУРО 5 или 63,27% и 244 од пријавените 252 возила со ЕУРО 6 стандард, односно 83,6%, додека просечната покриенос на возниот парк изнесува 65,6%.

Прелиминарната листа е истакната на веб-страницата на Министерството за транспорт и врски, а транспортерите на оваа веб-адреса во наредните осум дена во електронска форма ќе можат да ги поднесат сите забелешки во однос на распределбата. Сите превозници кои не добиле ЦЕМТ дозволи ќе може да добијат друг тип на дозволи кои ќе се договорат на средбите што Министерството за транспорт и врски ќе ги оствари со земјите во текот на годинава и догодина.

Министерот за транспорт и врски Миле Јанакисеки нагласи дека Министерството и покрај што има ограничени ресурси на ЦЕМТ дозволи планира средби со земјите од регионот и пошироко за да овозможи добивање дополнителни дозволи.

“Наскоро ќе имаме средба со министерот за транспорт на Турција на која главно наше барање ќе биде либерализација на билатералниот транспорт. Тоа ќе го направиме и со други земји, а за наредната година се веќе закажани 14 средби со Србија, Турција, Руската федерација, Романија, Австрија, Германија, Данска, Белорусија, Бугарија, Литванија, Франција, Белгија и Хрватска. Тоа го правиме да побараме либерализација каде што нема или дополнителни транспортни дозволи доколку не ни биде дозволена либерализација”, потенцира Јанакиески.

Тој ги повика транспортерите да не подлегнуваат на лица кои лажно се претставуваат и им нудат дозволи како во автобускиот превоз, бидејќи, како што рече, не постои паралелен систем за добивање дозвола и единствено денеска на електронското распределување може да се добие ЦЕМТ дозвола.

Генералниот секретар на МАКАМТРАНС, Билјана Муратовска посочи дека годинава за возилата со ЕУРО 5 стандард ќе се распределат 590 обични дозволи, 282 италијански, 90 грчки, 160 руски, 96 австриски, додека за возилата со ЕУРО 6 има 24 италијански дозволи, обични 48 и 132 обични кои не важат за Унгарија.
Таа истакна дека распределбата се врши врз основа на податоците кои се добиени од институциите за работењето на компаниите лани и во текот на годинава, а Комисијата има за цел да ги провери податоците дали се совпаѓаат.

“Транспортерите имаат рок од два дена да извршат размена на ЦЕМТ дозволите што ќе им овозможи да ги добијат дозволите за државите кои може да ги користат со што добиваме голема ефикасност во користењето, а тоа значи зголемување на базните дозволи во Европа” рече Муратовска.