
Cо ублажувањето на тензиите меѓу САД и ЕУ, на валутните пазари вредноста на доларот во однос на кошничка валути се зголеми, по три дена пад.
Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утрово е околу 98,77 поени, додека вчера во ова време беше 98,55 поени.
Во исто време, курсот на доларот во однос на јапонската валута се зголеми од вчерашните 158,15 на 158,70 јени.
Јенот е под притисок откако јапонската премиерка Санае Такаичи одлучи да го распушти парламентот и да одржи предвремени избори на 8 февруари. Останува да се види дали нејзиниот план за зајакнување на нејзината коалициска влада ќе се оствари.
Освен јенот, американската валута зајакна и во однос на европската. Цената на еврото утрово се лизна на 1,1690 долари, додека вчера во ова време беше 1,1720 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, малку пораснаа. На лондонскиот пазар, цената на барелот утрово се зголеми за 0,14 проценти, на 65,35 долари, додека на американскиот пазар, цената на барелот се зголеми за 0,25 проценти, на 60,75 долари.











