Раст на трговскиот суфицит на ЕУ во последниот квартал лани

Според податоците на Европската статистичка агенција – Евростат, Европската Унија во последниот квартал од минатата година оствари трговски вишок со светот од 113,2 милијарди евра. Ова претставува зголемување во однос на претходното тримесечје, кога суфицитот изнесуваше 107,5 милијарди евра, како и во споредба со последните три месеци од 2023 година, кога беше на ниво од 102 милијарди евра.

Во четвртиот квартал од минатата година, позитивното салдо на ЕУ во трговијата со стоки достигна 88,1 милијарди евра, додека во делот на услугите изнесуваше 47,4 милијарди евра. За споредба, во третиот квартал, вишокот во размената на стоки беше 86,1 милијарди, а на услуги 38,8 милијарди евра.

Сметката на примарниот доход, од друга страна, забележа суфицит од 3,7 милијарди евра, што е пад во однос на претходниот квартал кога вишокот беше 9,8 милијарди евра. Сметката на секундарниот доход, пак, регистрираше дефицит од 26,0 милијарди евра, намалување во однос на периодот јули-септември 2023 година, кога дефицитот беше 27,3 милијарди евра. Капиталната сметка имаше негативно салдо од 5,9 милијарди евра, помалку од 7,6-те милијарди евра минус во претходниот квартал.

Најголем суфицит во периодот октомври-декември 2024 година, ЕУ оствари во трговската размена со Велика Британија од 49,0 милијарди евра, по што следуваат Швајцарија со 28,3 милијарди, финансиските оф-шор центри со 21,7 милијарди, САД со 20,6 милијарди, Канада со 12,8 милијарди, Хонг Конг со 10,6 милијарди, Бразил со 8,4 милијарди и Јапонија со 7,9 милијарди евра.

Од друга страна, најголем трговски дефицит ЕУ има со Кина, и тоа од 49,4 милијарди евра, по што следуваат Русија со 1,5 милијарди и Индија со 1,3 милијарди евра.

Кога станува збор за земјите членки, 18 од нив имаа суфицит во трговијата со странство, осум забележаа дефицит, а една (Португалија) имаше балансирана трговска размена. Најголем суфицит оствари Германија, 50,4 милијарди евра, пред Холандија со 38,9 милијарди, Ирска со 18,2 милијарди, Данска со 15,2 милијарди, Франција со 14,8 милијарди, Италија со 9,9 милијарди евра и Шведска со 9,7 милијарди евра.

Најголем дефицит, пак, забележа Романија од 9,4 милијарди евра, пред Грција со 7,3 милијарди, Бугарија со 1,8 милијарди, Словачка со 1,7 и Хрватска со 1,6 милијарди евра.

Фото: Pixabay