Раст на туристичките пристигнувања и приходите во Грција

Грчкиот сектор за патнички услуги минатата година забележа суфицит од 18,79 милијарди евра, што претставува зголемување од 3,4 проценти во споредба со претходната година, покажаа податоците од Грчката централна банка.

Износот на издадени фактури во оваа важна индустрија за Грција се зголеми минатата година за 4,8 проценти, на 21,59 милијарди евра, главно поради зголемувањето од 12,8 проценти на пристигнувањето на странски посетители и зголемувањето од 2,9 проценти на просечната потрошувачка по ноќевање, објавува Мина.

Приходите од посетителите од другите 26 земји од Европската Унија, кои учествуваа со 55,4 проценти во вкупните приходи, пораснаа за 7,1 процент, на 11,97 милијарди евра, при што туристите од Германија и Италија најмногу придонесоа за тој скок. Од друга страна, приходите на посетителите од Франција и Велика Британија (која не е членка на ЕУ) се намалија за 11,6 проценти и 4,1 процент, соодветно.

Бројот на пристигнувања во Грција минатата година достигна 40,7 милиони, што претставува скок од дури 12,8 проценти во споредба со претходната година, со оглед на тоа што тие најчесто пристигнувале во Грција преку аеродроми и патни гранични премини, објави грчката централна банка.

Покрај тоа, секторот за патување со крстосувачки бродови, исто така, постигна одлични резултати, се додава во извештајот, а вкупните приходи од тој туристички сегмент пораснаа за дури 22,4 проценти на годишна основа, на вкупно 1,11 милијарди евра.

Сепак, и покрај овие позитивни бројки, податоците покажуваат дека минатата година просечната потрошувачка по туристички престој во Грција се намалила за седум проценти во споредба со 2023 година, додека просечното времетраење на туристичкиот престој е скратено за 9,6 проценти.