Раст од 31% за заштита на трговски марки и 7,9% за патенти во првата половина од 2021

9

Државниот завод за индустриска сопственост евидентира зголемен број на поднесени барања за заштита на трговски марки за 31% и поднесени повеќе барања за заштита на патенти за 7,9%. Зголемениот број на поднесени барања за заштита се однесува на периодот од јануари до јуни тековнава година споредбено со истиот период од минатата година.

“Искрено ме радува што граѓаните почнаа да ја препознаваат важноста од заштитата на правата од индустриска сопственост. Преку заштитата на правата граѓаните не само што градат свој бренд по кој во иднина стануваат препознатливи на пазарот истовремено го штитат својот капитал од пиратерија“, изјави Герасимовски.

Статистички гледано, во првата половина од минатата 2020 година до Државниот завод за индустриска сопственост беа поднесени 563 барања за заштита на трговски марки, а во првите шест месеци од 2021 година овој број се зголеми на 737 поднесени барања. Што се однесува до патентите во првите шест месеци од 2020 година беа поднесени 496 барања за заштита додека во истиот период оваа година пристигнаа 535 барања за заштита на патенти.

Во Државниот завод за индустриска сопственост покрај трговските марки и патентите може да се заштити географскиот назив и индустрискиот дизајн. Заштитата на овие производи и идеи овозможува посигурна положба на пазарот, јакнење на конкурентноста на претпријатијата како и зголемување на нивната пазарна вредност.

Државниот завод за индустриска сопственост продолжува со јакнење на институционалната соработка преку која ги заштитува правата на индустриска сопственост.