Растат апетитите за кредити

56

Вкупните депозити во јуни, остварија месечно и годишно зголемување од 1% и 6,8%, соодветно. Растот по двете основи се должи на зголемените депозити кај двата сектора, коjшто е поизразен кај корпоративниот сектор, покажуваат податоците на Народна банка

Во јуни, вкупните кредити бележат месечен раст од 1%, додека на годишно ниво се повисоки за 5,1%. Нагорната промена на месечно и годишно ниво произлегува од зголеменото кредитирање кај двата сектора, со поголем придонес на секторот домаќинства.

Вкупните депозити на корпоративниот сектор, овој месец, се повисоки за 3,1% на месечна основа. Растот во најголем дел е резултат на зголемените депозитни пари, при помал позитивен придонес и на долгорочните депозити во странска валута, во услови на пад кај останатите компоненти. Годишната стапка на раст изнесува 16,7%, главно поради зголемените депозитни пари, при позитивно влијание и на краткорочните и долгорочните депозити во странска валута, во услови на остварен пад кај останатите компоненти.

Кај кредитите на корпоративниот сектор, овој месец, е забележан месечен и годишен раст од 0,6% и 1,2%, соодветно. Нагорната промена, пред сè, се должи на зголемените кредити во странска валута, а позитивно, но помало влијание имаат и кредитите одобрени во денари.

Кај вкупните депозити на домаќинствата, овој месец, е остварен месечен раст од 0,3%, којшто најмногу произлегува од зголемените краткорочни депозити во странска валута, а во позитивна насока влијаат и долгорочните депозити во странска валута и краткорочните депозити во денари, во услови на пад кај останатите компоненти. На годишна основа, депозитите на домаќинствата растат за 4,2%, под влијание на депозитните пари и краткорочните депозити во странска валута, при пад кај останатите компоненти.

Кредитите на домаќинствата, овој месец, се зголемија за 1,3%, во споредба со претходниот месец, како резултат на зголемувањето на кредитите во двете валути, малку поизразено кај кредитите во странска валута. Годишното зголемување изнесува 8,7% и во поголем дел произлегува од денарските кредити, при позитивен придонес и на кредитите во странска валута.

Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во јуни, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечно зголемување од 1,3% и 1,9%, соодветно, а годишниот раст изнесува 7,9% и 14,7%, соодветно.

Во јуни, автомобилските кредити, се намалени на месечно и годишно ниво за 2,9% и 17,1%, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички, овој месец, се зголемија за 0,5% на месечна основа, додека на годишна основа тие се намалени за 8,9%. Кај негативните салда на тековните сметки, во јуни, е остварен месечен пад од 0,4%, а на годишно ниво растат за 3,4%. Кредитите одобрени врз други основи, овој месец, остварија месечен раст од 0,6%, при годишен пад од 6,6%.

Фото: Pexels