Растат цените на акциите во Европа, Азија и САД

105

Глобалните берзи продолжија да закрепнуваат, а цените на нафтата зајакнаа по најавениот раст на кинескиот технолошки сектор, позитивните вести за вакцинациите во САД и ублажувањето на загриженоста на инвеститорите дека Федералните резерви ќе започнат со намалување на програмата за финансиски стимулации порано.

Акциите во Азија, Европа и фјучерсите на Волстрит се вратија во нагорна линија по генералната распродажба минатата недела, поттикната од стравувањата од построга регулација на кинеските власти.

Најширокиот индекс на азиско-пацифичките акции MSCI во Азија, без јапонскиот, зајакна 1,7 проценти, додека во Европа, паневропскиот STOXX 600 ја зголеми вчерашната добивка за дополнителни 0,2 проценти, пренесе Ројтерс.

Фјучерсите во индексните корпи на Њујоршката берза, Nasdaq и S&P 500, пораснаа во тргувањето пред официјалното отворање на пазарот за 0,3 и 0,5 проценти, соодветно.

Се намали загриженоста на играчите на пазарот дека ФЕД е се поблиску до одлука за намалување на своите стимулации, што ги притисна глобалните пазари минатата недела, а инвеститорите веќе не се толку убедени дека претседателот на ФЕД, Џером Пауел ќе зборува на претстојниот банкарски самит во Џексон Хол за краен рок за укинување на програмата за откуп на обврзници.

Зголемувањето на инфекциите со високо заразната делта варијанта на вирусот „Ковид-19“ исто така беше еден од нарушувачките фактори на берзата минатата недела, но вчерашната одлука на американската Администрација за храна и лекови да даде целосно одобрување на вакцината развиена од „Фајзер“, буди надеж дека имунизацијата може да се забрза.

На валутните пазари, доларот утрово беше во мирување во однос на кошницата валути на 93.011 поени, откако вчера падна на петдневен минимум од 92.947 поени, што беше негов најголем еднодневен пад од мај.

Минатата недела, индексот на доларот достигна највисоко ниво во последните девет месеци, откако инвеститорите очекуваа ФЕД да започне да ја коригира својата лабава монетарна политика, но почнаа да се премислуваат во петокот, откако претседателот на федералните резерви од Далас, Роберт Каплан, рече дека може да ја преиспита својата заложба за монетарно заострување доколку коронавирусот и штети на економијата.

Цените на златото се намалија, но сепак се одржуваат малку над клучното психолошко ниво од 1.800 долари за унца, наведува Ројтерс.