Расте бројот на германски компании кои веруваат дека се на работ на неуспех

15

Во моментов, 6,8 отсто од германските компании веруваат дека нивниот економски опстанок е загрозен, покажува истражувањето на минхенскиот институт IFO.

Во претходната анкета, спроведена во јануари годинава, уделот на компаниите кои веруваа дека се на работ на пропаст изнесува 4,8 отсто.

“Сегашната фаза на слабост во германската економија води до зголемен број на корпоративни несолвентности, но нема индикации дека тоа ќе се развие во поголем бран“, рече Клаус Волрабе, раководител на истражување во IFO.

Уделот на компаниите кои сметаат дека им е загрозен економскиот опстанок во градежниот сектор е зголемен од 5,1 отсто во јануари на сегашните 8,9 отсто.

„Ова е најголем удел забележан во тој сектор откако прашањето (за чувството на ранливост) првпат беше вклучено во истражувањето на IFO во јуни 2020 година. Домувањето доживува сериозна криза, што им создава проблеми на некои градежни компании“, рече Волрабе.

Особено често се забележува загриженост кај транспортните и логистичките компании (14 проценти), агенциите за вработување (13,9 проценти) и енергетско интензивната хемиска индустрија (12,5 проценти).

Трговците на мало, како што посочува ИФО, се исто така особено погодени, при што 10,3 отсто од компаниите изјавиле дека чувствуваат дека е загрозен нивниот економски опстанок, што е зголемување во споредба со јануарските 8,3 отсто.

„Многу трговци на мало продолжуваат да се борат додека потрошувачите се борат да донесат одлуки за трошење“, објасни Волрабе.