Расте бројот на возила во ЕУ, во септември доминираа автомобилите на бензин

15

Во земјите на ЕУ во септември се регистрирани 861.062 нови автомобили, што е за 9,2 отсто повеќе во споредба со истиот месец лани, објави Асоцијацијата на европски производители на автомобили (ACEA).

Ова е 14-ти последователен месец на раст на бројот на нови регистрирани автомобили во ЕУ, додава ACEA.

Пазарот на автомобили во Италија забележа раст на годишно ниво од 22,7 отсто, во Франција за 10,7 отсто, додека германскиот пазар забележа благ пад од 0,1 отсто.

Во септември се регистрирани најголем број нови возила на бензин – 34,1 отсто, потоа хибридно-електрични возила (HEV) – 27,3 отсто, електрични возила на батерии – 14,8 отсто и дизел автомобили – 12,7 отсто.

Бројот на нови регистрирани електрични возила на батерии се зголеми за 14,3 отсто на годишно ниво во септември, на 127.149 автомобили.

Во периодот од јануари до септември, бројот на регистрации на нови автомобили во ЕУ се зголемил на годишно ниво за 16,9 отсто, односно за осум милиони возила. И покрај добрите резултати, продажбата на нови автомобили е за 20 отсто помала во однос на истиот период од 2019 година, кога беа регистрирани 10 милиони возила.