Расте минималната саатница во Германија

112

Германскиот парламент во петокот одобри зголемување на минималната саатница на 12 евра, исполнувајќи го клучното предизборно ветување на канцеларот Олаф Шолц пред минатогодишните избори, пренесува Ал Џезира Балканс.

Зголемувањето од речиси 15 проценти ќе стапи на сила од 1 октомври, а владата вели дека околу 6,2 милиони луѓе во Германија моментално работат за помалку од 12 евра на час.

Членовите на Конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ/ЦСУ) беа воздржани, како и членовите на екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД).

Во моментов минимумот во Германија е 9,82 евра на час бруто. Таа сума треба да се искачи на 10,45 евра на 1 јули. Во исто време, минималната плата за кратки, таканаречени мини работни места се зголемува од 450 на 520 евра.

Во кампањата за изборите во септември минатата година, зголемувањето на минималната плата беше едно од главните ветувања на канцеларот Олаф Шолц.

Но, многу пратеници предупредија дека сегашната експлозија на цените ја загрозува егзистенцијата на многу граѓани.