Цените на производителите во САД се зголемија помалку од очекувањата на аналитичарите во јули. Индексот на цените PPI порасна за 0,1 отсто, по растот од 0,2 отсто во јуни, соопшти американското Министерство за труд.
На годишно ниво, PPI е зголемен за 2,2 отсто, додека во јуни е зголемен за 2,7 отсто, се вели во најновиот извештај на министерството.
Како што јави француската новинска агенција АФП, веста ќе ја поздрави американската централна банка, Федералните резерви (ФЕД), која во изминатата година ги задржа каматните стапки на највисоко ниво во последните 23 години со цел да ја намали инфлацијата на целната вредност од два проценти. По серијата поволни економски извештаи, претседателот на ФЕД Џером Пауел на крајот на јули конечно навести дека централната банка би можела да започне со намалување на каматните стапки во септември.
Вредноста на PPI без храна, енергија и трговија инаку забрза. На месечно ниво зајакна за 0,3 процентни поени, откако во јуни порасна за 0,1 отсто. На годишна основа за 3,3 отсто, по раст од 3,2 отсто во јуни.
Вниманието сега се сврте кон податоците за потрошувачката инфлација што треба да се достават во среда. Ова има значително поголемо влијание врз одлуките за каматните стапки на ФЕД, според АФП.