Фото: Pixabay
Сите ние си имаме наши и лични видувања на работите. Имајќи го тоа предвид, сосема е нормално да се заклучи дека не секогаш тие се исти помеѓу двајца или повеќе луѓе.
Ако ги земеме предвид сите фактори кои се околу нас, различните перцепции се сосема нормална работа и само ќе треба да се адаптираме или не, на тоа дека можно е некој да има и различно гледање на работите од нас. Но, проблемот е бидејќи:
- Не разбираме зошто некои луѓе различно гледаат на работите од нас!?
- Нашиот карактер дека или ќе биде по мое или никако, не ни дозволува да разбереме дека има луѓе со различни перцепции на работите од оние наши размислувања.
- Карактерот на соговорникот/соговорниците кој не дозволува да бидете разбрани токму како што треба (односно вашата перцепција).
И сега, во што е проблемот?
Бидејќи на двапати се јавува зборот карактери, некако следува дека проблемот е во нашите карактери, а со тоа и во нашиот начин на гледање на работите (веќе споменат): или ќе биде по мое или нема да биде! Да бидам искрен, мојот совет во однос на ова прашање би бил:
Колку и да е важно соговорникот од другата страна да го уверите дека има и различни перцепции, ако гледате дека од другата страна наидувате на отпор (да не кажам ѕид) тогаш, можеби е време да прекинете со понатамошно уверување или, ако ви е важна личноста, едноставно ќе преминете преку тоа и ќе го прифатите другото гледање на работите, но ќе укажете дека е спротивно од вашето.
Но, прашањето е како да не дојде до различно гледање на работите:
Комуникација –
- Отворена и искрена – доколку не сакате да се соочите со недоразбирање, имајте отворена и искрена комуникација со соговорниците. Секое криење или затвореност неминовно доведува до недоразбирање.
- Избегнувајте пишана комуникација – луѓето сакаат да се допишуваат и најчесто во пишаната комуникација може да дојде до недоразбирање, а во пишана комуникација многу малку можете да пренесете што сте сакале да кажете. И кога веќе знаеме дека многу малку може да пренесеме, гледајте да се разберете лице в лице или, пак, преку телефон, ако ништо друго.
Фокус – освен фокусот на она што вие го презентирате и на тоа да ги уверите тие или тој/таа околу исправноста на вашиот концепт, бидете фокусирани и на она што другите имаат да ви кажат. Потпрашувајте за да ви се објаснат некои работи, не ги предвидувајте работите однапред…
Страв – голем број луѓе, од страв од непознато или од рефлексија на сопствените стравови, едноставно се затворени за различни гледања на работите и колку и да звучи чудно, едноставно не се отворени и не прифаќаат други идеи или видувања. Немојте да имате страв од неуспех или успех на работата, но не по ваш начин! Бидете отворени за сугестии.
Најважно во целата работа на различни перцепции и како да не дојдеме до нив е сите инволвирани да имаат исти или најмалку слични верувања и желби за да успее работата. Ако тој минимум е исполнет, веројатноста да имате различни перцепции на работите е многу мала, но сепак, имајќи ги предвид карактерите на луѓето и нивната отвореност/затвореност, сепак, можна е различна перцепција на работите.