Развојна банка ги претстави можностите за кредитирање пред компаниите во Стопанската комора

35

Во организација на Кризниот штаб при Стопанска комора на Северна Македонија и Развојна банка на Северна Македонија, вчера, пред 40-тина компании членки на комората, се одржа презентација во просториите на комората, со цел, одблизу запознавање на компаниите со производите кои ги нуди банката во услови на енергетска криза.

Од страна на Развојна банка присуствуваа главниот извршен директор, Кире Наумов, главниот оперативен директор, Фарук Исмаили, како и дел од стручните служби на банката кои пред компаниите ги презентираа кредитните линии во услови на криза, новите производи воведени во банката како и развојната мисија на која се темели работењето на банката.

Презентирањето на актуелните кредитни линии и производи од страна на стручните служби на Развојна банка беше проследено со голем интерес од страна на компаниите. Тие беа детално запознаени со можностите за искористување на производите на банката, кои би им овозможиле полесен пристап за финансирање.

„Основната цел на Развојна банка е понуда на кредити коишто се пониски од деловните банки. По својата дефиниција работиме за да им помогнеме на малите и средни претпријатија. Ги следиме барањата на стопанството, го поддржуваме нивниот развој, но во овие услови на криза, претходно ковид пандемијата, сега енергетската криза, помагаме во задржување на нивната ликвидност“, истакна Наумов.

Главниот извршен директор Наумов, меѓу другото, се осврна и на улогата на Развојна банка во услови на криза за периодот од 2020 -2022 година, односно резултатите кои банката ги постигна во овој период преку воведување и реализирање на:

– 4 бескаматни КОВИД кредитни линии за поддршка на компаниите за справување со Ковид кризата, со директно кредитирање преку РБСМ, преку кои се поддржани 4.134 комании во износ од 45 милиони евра,

– 3 кредитни линии за поддршка на компаниите за справување со енергетската криза во износ од 25 милиони евра,

– Субвенционирање на камата по кредити дадени од деловните банки кои ја реинвестирале добивката, во износ од 2 милиони евра,

– Овозможено олеснување на условите на кредитната линија за производство, преработка и извоз на земјоделски производи во износ од 7 милиони евра,

– Воведени нови производи: Гарантен фонд во износ од 15 милиони евра, преку 2 нови видови на гаранции: индивидуални и портфолио гаранции; Царински гаранции т.е. гаранции за царински долг при увоз за облагородување,

– Пласирани се средствата од ЕИБ 5 и ЕИБ 6 кредитните линии во износ од 150 милиони евра за поддршка на 458 проекти.

Главниот извршен директор Наумов истакна дека активата на банката бележи раст во изминатиот период, односно истата е зголемена од 168 милиони евра на крај на 2019 година, на 267 милиони евра во првата половина од 2022 година. Развојна банка континуирано го зголемува своето учество вовкупните бруто-кредити пласирани кон нефинансиските друштва од страна на банкарскиот сектор, така што ,заклучно со 30.09.2022 година, 7,3% од бруто-кредитите се од средства на РБСМ. За споредба, во истиот период лани, овој процент изнесуваше 5,3%.

РБСМ и понатаму ќе продолжи во таа насока, со потпишување на нов договор за ЕИБ 7 кредитна линија во износ од 100 милиони евра, како и проширување на соработкатаи со други меѓународни инвеститори за обезбдување на нови извори.