Развојна банка отвори јавен повик за средства од бескаматната кредитна линија за обртни средства за компании погодени од енергетската и економската криза

76

Микро, мали и средни компании, трговци поединци и занаетчии погодени од енергетската и економската криза од 11 мај 2022  година ќе можат да аплицираат за средства од новата бескаматна кредитна линија наменета за обртни средства. Јавниот повик ќе трае 15 дена, а барањето за кредит субјектите може да го достават електронски на посебна е-маил адреса.

Во услови на светска енергетска и економска криза, Владата на Република Северна Македонија донесе сет на економски мерки за намалување на последиците од истата, со цел заштита на стандардот на граѓаните и одржување на економската стабилност. Една од мерките кои се реализираат преку Развојна банка на Северна Македонија е воспоставувањето на новата бескаматна кредитна линија наменета за поддршка на компании погодени од енергетската и економската криза.

Кредитната линија е наменета за микро, мали и средни претпријатија, трговци поединци и занаетчии кои плаќаат данок на реален приход и се регистрирани во Република Северна Македонија. Компаниите треба да бидат во приватна сопственост и на листата на прифатливи класи на дејности за кредитирање, објавена во јавниот повик. Минималниот износ на кредит е 185.000 денари, додека максималниот износ на кредит е 3.000.000 денари. Кредитот ќе има рок на отплата од 12 и од 18 месеци со вклучен грејс период од 6 месеци и во двата случаи.

За корисниците на оваа кредитна линија предвидена е грант компонента од 10 проценти за субјектите кои ќе користат рок на отплата од 18 месеци, односно 20 проценти за субјектите кои ќе користат рок на отплата од 12 месеци. Грејс периодот и во двата случаи е до 6 месеци.

Субјектите кои користеле кредит од ,,Ковид 3” и ,,Ковид 4”, нема да можат да ја користат кредитната линија за поддршка на компаниите погодени од енергетската и економската криза. Субјектите кои користеле кредит од „Ковид 1“ и/или „Ковид 2“ и немаат неизмирени достасани обврски во износ поголем од 10.000 денари на денот на аплицирање (11 мај 2022), ќе можат да ја користат оваа бескаматна кредитна линија.

Јавниот повик е објавен денеска, 05.05.2022 година и ќе трае 15 дена сметано од 11 мај 2022 година од 09:00 часот до 26 мај 2022 година до 09:00 часот. Поднесувањето на кредитните барања ќе се одвива по електронски пат на е-маил адресата eekriza@mbdp.com.mk.