Ребаланс на Буџетот во мај или јуни во собраниска процедура

40

Ребалансот на Буџетот најверојатно во мај или јуни ќе се најде во собраниска процедура, најави денеска министерот за финансии Фатмир Бесими на економскиот форум „Заматен поглед нанапред: Многубројни неизвесности ги поткопуваат економските изгледи?” што го организира „Finance Think”.

Во своето обраќање, Бесими откри дека во ребалансот неизбежно е дефицитот да биде поголем.

„Тоа е неизбежно, за да можеме со овие политики да реагираме соодветно навремено и со соодветен обем. Тоа е исто како со антибиотикот – ако не го дадеш на време и во точна количина или ако не се доволни дозите, тоа ќе создаде пореметување на организмот. И тоа е за нас предизвик“, рече Бесими.

На нула ќе бидат сведени трошоците за мебел и возила и ќе има реструктуирање внатре во ресорите каде нема доволна реализација на проекти за да се финансираат новите потреби. Се очекува, како што рече, подобра реализација на планот на приходите.

Во кризни ситуации, според Бесими, најважен е обемот и времето на излегување на мерките, како и да се обезбедат доволно енергенси и храна, да се стабилизираат цените и да се одржи ликвидноста на стопанството.

„Новата нормала е да научиме да живееме во криза, односно покрај долгорочните мерки, мора да имаме и бафери кои ќе реагираат и на краток рок. Во конкретниот случај, зборуваме за јавен долг од 60 проценти кој оваа година ќе достигне 63,5 проценти, а потоа постепено да се намалува и во 2026 да биде под 60 проценти. Исто е и со дефицитот. Почнавме во 2021 година со консолидација и од 8,1 процент успеавме да завршиме на 5,4 проценти. Годинава планиравме дефицит од 4,3 проценти и наредна година да го намалиме, но очигледно дека со ребалансот што го спремаме, ќе одиме со поголем дефицит“, рече Бесими.

Најави дека и понатаму ќе се реагира со мерки, а на среден рок, според него, важни се мерките за фискална консолидација и структурните реформи.