Ребрендирање. Нова фризура или повеќе од тоа?

50

frizura

Фото: Pixabay

Денешниот ден е голем ден во животот на CEED, денот кога се најавува и прославува нивното ребрендирање. Денот кога ребрендирањето започнува… Велам започнува, затоа што тоа не е акт, чин, туку претставува процес… Секојдневен процес. Процес на промена… Најавен со новата фризура.

Од денес нашите пријатели во CEED го менуваат своето лого, сите работни материјали, имињата на програмите… Тоа се надворешните манифестации, промена на фризурата, боите, облеката, но, што навистина се менува со ребрендирањето? Што значи ребрендирањето?

За да има ре-брендирање, требало да има брендирање. Многу е пишувано на оваа тема. Сигурно е важна, штом многу се пишува за неа. Сигурно има некоја длабочина и широчина во неа, не ќе да е само фризура….

Затоа, ќе размислиме за некои корисни прашања:

Што е бренд и што е брендирање?

За што служат, која е нивната цел и намера?

Што е ребрендирање и која е целта и намерата на ребрендирањето?

Според литературата, брендот е заштитено име, кое се состои од лого, слика, збор, порака, заштитени бои – визуелни елементи што се користат да именуваат, да означат компанија или производ. Тие, всушност, треба да комуницираат одредени пораки, чувства, но и вредности и верувања што ги има сопственикот (носителот) на брендот. Своите вредности и уверувања, брендот не е доволно да ги комуницира со околината и со целната публика на пазарот само со визуелните елементи, туку уште поважно е да ги комуницира со своите однесувања. Брендирање е конзистентно користење на овие визуелни елементи, но и конзистентно однесување на брендот.

Брендот е исто што и личност, каква што сум јас, каква што сте Вие, ценет читателу, и секоја личност што ја познавате од Вашата околина, од сите аспекти на Вашиот живот. И секоја личност е некаков бренд. Брендот се гради со постојана, стратешки осмислена комуникација со јавноста и во секој контакт со потрошувачите. Како што и личноста се гради низ целиот свој живот и остава одреден впечаток кај другите… Зазема одредена позиција на картата на светот што другите ја имаат во својот ум.

Ако потрошувачите се секогаш задоволени на исто ниво на квалитет или на ниво повисоко од очекувањата, брендот како личност ќе има растечка емотивна сметка со потрошувачот. Ќе книжи повеќе на страната на салдо плус, а и кога ќе има трансакции на страната на салдо минус, полесно ќе му се простува.

Како и кај нас, луѓето, и кај компаниите, брендовите (било да е збор за производ или за компанија) секој детал, секој потег, секој изглед, секоја постапка, секоја нова вештина или знаење – кажува за тоа каков е тој бренд или каква е таа личност, комуницира за тоа за какви вредности и уверувања се залага тој бренд или таа личност… Затоа, и компаниските брендови, но, и луѓето како брендови треба долгорочно да размислуваат за нивната мисија и согласно тоа да изградат стратегија, или намера – за тоа каде какви сакаат да станат и каде сакаат да бидат… Како бренд. Или како личност.

Така и ребрендирањето, доаѓа пред сѐ од одредени созреани внатрешни промени, по одреден изоден пат, внатрешен развој, модернизација, промена на стратегијата, на производите, на целните пазари… Нешто слично со промената на професијата и имиџот кај личноста, на пример. Прво нешто од внатре се менува или се поставува цел што е тоа што треба да се смени, па потоа тоа се комуницира и со надворешниот изглед… Секако дека нема да се смени мојата личност ако ја сменам фризурата. Попрво ќе биде дека е обратното.

Така е веројатно и со нашите стари, добри пријатели – CEED. Се ребрендираат, го менуваат имиџот и тоа сакаат да го комуницираат и со нас, нивната јавност….

Што е овде поважното? За која цел, со која намера се ребрендираат, што смениле, што сакаат да сменат, што сакаат да ни кажат? Веројатно погледале преку седум планини, во нивната мисија, и заклучиле дека по патот до таму имаат уште врвови на кои сакаат да го однесат досегашниот висок квалитет, било да се тие повисоко, било да се пошироко… Затоа го менуваат и ликот. Повисоките планини повеќе ја менуваат личноста и од внатре и од надвор.

Нека им се честито новата фризура и новиот лик. Очекувам и понатаму да уживаме во нивното друштво како личност. Како бренд.