Речиси 94 милиони возила се произведени во 39 земји во светот минатата година, најмногу во Кина

29

Во светот минатата година во 39 земји се произведени 93,54 милиони автомобили и лесни комерцијални возила, а најголем светски производител е Кина со 30,16 милиони возила, соопшти  Српската асоцијација на увозници на возила и делови.

На второ место се САД со 10,61 милиони возила, додека Јапонија е трето со 8,93 милиони произведени возила.

Земји каде се произведени повеќе од еден милион возила се Индија, Јужна Кореја, Германија, Мексико, Шпанија, Бразил, Тајланд, Канада, Франција, Турција, Чешка, Индонезија, Словачка и Велика Британија.

Другите земји-производители, кои не се членки на OICA (Organisation internationale des constructeurs automobiles), произведоа вкупно 2.006.197 возила.

Само кога станува збор за патнички возила, произведени се 67,13 милиони од нив, повторно најмногу во Кина, САД и Јапонија, а потоа следат Индија и Германија.

По нив следуваат Јужна Кореја, Шпанија, Бразил, Чешка, Индонезија, Словачка и Франција.

Една година претходно во светот беа произведени 84,83 милиони возила, во 2021 година таа бројка беше околу 80 милиони возила, во 2020 година беа произведени 77,43 милиони, а во 2019 година речиси 92 милиони возила.

Во сите европски земји во 2023 година се произведени 18,12 возила, а во 2022 година околу 16,03 милиони возила.