Онлајн платформата Reddit во четвртокот објави дека започнува нов дел наречен Discover, кој ќе вклучува фотографии и видеа од целата страница. Со ова, мрежата се надева дека ќе ја направи својата мобилна апликација визуелно поатрактивна.
Reddit има 52 милиони активни корисници дневно и е популарна онлајн платформа за луѓе кои бараат начин да се здружат во мали групи во заедницата за да разговараат за теми од интерес, како што се финансиите, градинарството и фитнесот.
Новиот дел Discover сега ќе им овозможи на корисниците да гледаат фотографии и видеа од подгрупи слични на оние во кои веќе учествуваат, објави Ројтерс. Ова е првиот нов дел во апликацијата што компанијата ја лансира по речиси две години.
За време на тестирањето, секој петти корисник се приклучил на најмалку една дополнителна подгрупа откако ја користел картичката Discover, откри Reddit во блог пост.
Компаниите за социјални медиуми се повеќе се фокусираат на визуелните содржини и особено на видеото во последната година. Ова се должи на „виралната“ популарност на апликацијата TikTok. Сопственикот на Facebook, Меtа, во вторникот лансираше функција слична на TikTok наречена Reels – достапна за корисници во повеќе од 150 земји.
Влијанието на видеото врз популарноста на социјалните мрежи е веќе толку големо што TikTok неодамна ги надмина другите социјални медиуми во однос на сообраќајот и нови корисници.