Редизајнирана мобилна апликација СЕИНет – ново дигитално искуство за пристап до објавите од котираните друштва на Македонска берза

Македонската берза ја најавува новата, целосно редизајнирана мобилна апликација СЕИНет, наменета за транспарентен, брз  и лесен пристап до сите информации што котираните акционерски друштва задолжително ги објавуваат преку Системот за Електронски Информации на Берзата (СЕИНет).

СЕИНет (www.seinet.com.mk) e електронски систем преку којшто акционерските друштва кои котираат на Берзата објавуваат информациите согласно Правилата за котација. Преку СЕИНет, инвеститорите и пошироката јавноста добиваат навремени и точни информации за различни аспекти од работењето на компаниите и релевантно донесување на инвестициски одлуки. Моментално на Берзата се котирани 92 компании и банки.

Во рамките на континуираната заложба на Берзата за унапредување на транспарентноста и дигитализација на пазарот на капитал, новата верзија на мобилната апликација на СЕИНет донесува значителни подобрувања во корисничкото искуство, пристапноста до податоци и брзината на информирање на инвеститорите и пошироката јавност.

Клучни новини и функционални подобрувања во мобилната апликација СЕИНет се:

Современ интуитивен дизајн – новата апликација нуди појасен визуелен приказ и подобрена навигација, овозможувајќи им на корисниците брз преглед и пристап до сите објави, категории на информации и издавачи.
Персонализирани известувања – корисниците можат да изберат конкретни друштва и да добиваат известувања веднаш по нивната објава.
Напредно пребарување и филтрирање – воведени се нови алатки за филтрирање по датум, друштво, категорија и клучен збор.
Преглед и преземање на документи – сите документи се достапни со еден клик, со можност за директно преземање.
Тикер со податоци за движењето на цените – приказ на просечните цени на сите хартии од вредност што се тргуваат на Берзата (со задоцнување од најмногу 15 минути во однос на реалното време на склучените трансакции) и нивна процентуална промена во однос на официјалната просечна цена постигната на претходниот ден на тргување.

Новата СЕИНет мобилна апликација на Берзата е достапна за бесплатно преземање преку:

Google Play Store
 Apple App Store.