Регионален гигант купува српска компанија

Атлантик Група (Atlantic Grupa) денеска достави обврзувачка понуда за купување на компанијата Штраус Адриатик (Strauss Adriatic).

Штраус групацијата официјално прифати, соопшти денеска Атлантик група и констатира дека за склучување на трансакцијата е неопходно претходно одобрение од Комисијата за заштита на конкуренцијата.

Понудата е вредна 40,5 милиони евра, без долг и готовина, се наведува во соопштението и се додава дека оваа интеграција е важен придонес за растот на категоријата кафе во Србија и регионот, како и зајакнување на конкурентноста на регионалната индустрија за кафе и локални брендови.

Штраус е познат по своите силни брендови на кафе на српскиот пазар – Донкафе и Ц кафе, кои преку аквизицијата би им се придружиле на регионалните лидери Гранд кафе и Баркафе. Заедно со познатите брендови, Атлантик ќе преземе и модерен производствен капацитет во индустриската зона Шимановци кај Белград и 220 вработени.