Регионалната соработка е основен фактор за поврзување и економски прогрес

42

Премиерот Зоран Заев денес учествуваше на Самитот на земјите од Западен Балкан. Самитот го отвори германската канцеларка Ангела Меркел која во своето обраќање се заблагодари на целиот регион, на политичките лидери, како и на сите меѓународни институции, Европската Комисија и земјите членки на ЕУ кои го потпомагаа овој процес во изминатите седум години.

Покрај премиерот Заев на Самитот говореа и премиерите од земјите членки на Западен Балкан, премиерите на Грција, Хрватска, Словенија, Италија, Бугарија како и францускиот претседател Емануел Макрон и австрискиот канцелар Себастијан Курц.

Самитот продолжува со својата работа и во текот на ова попладне по што се очекува да бидат прифатени заклучоците од оваа сесија, што ќе бидат споделени со јавноста.

“Ние, лидерите на земјите од Западен Балкан, досега имавме седум Самити на Берлинскиот процес и сите тие ја докажаа и продлабочија нашата посветеност на регионалната соработка. Во изминатите неколку недели се одржаа неколку министерски и технички состаноци на тема Берлински процес, преку кои ги зајакнавме нашите напори за да направиме дополнителен реален напредок во реформските процеси и регионалната економска соработка. Во суштина, сите тие настани ги поставуваат темелите за одржлив раст. За сите нас е несомнено јасно дека само со интегриран и поврзан регион може да се движиме постојано кон нашата основна цел – членство во ЕУ. Имајќи го тоа предвид, од неодамна влеговме во нова фаза на нашата соработка. Имено како регион преземавме на наш товар многу иницијативи и процеси, но исто така испорачавме и резултати“, рече Заев.

Од друга страна, како што рече тој, лидерите на земјите од регионот, истакнавме дека проширувањето на ЕУ претставува стратешка цел за земјите од Западен Балкан. Без сомнение, целосната интеграција на Западен Балкан во Европското семејство треба да биде природен исход на реформскиот пат на регионот и столб за долгорочен мир и стабилност. Се согласивме дека регионалната соработка е основен фактор, а не замена за Западен Балкан на нивниот пат кон членството во ЕУ.

“Можам да кажам дека Берлинскиот процес навистина успеа да го придвижи Западен Балкан во вистинската насока. Особено во врска со регионалната економска соработка. Во овој контекст, гледајќи наназад, кога пред две години решивме да ги намалиме цените на роамингот во регионот, никој не помислуваше дека ќе имаме регион со нула такси за роаминг. Овој историски успех дојде како резултат на долгите преговори, олеснети од Советот за регионална соработка и Европската Унија. Сега тоа е завршена работа. Ние сме  регион без роаминг и им доставивме опипливи резултати кои произлегуваат од заедничкиот регионален пазар на нашите граѓани. Исто така, со поддршка на Заедничкиот регионален пазар на самитот во Софија во ноември минатата година – и само да ве потсетам, тоа беше година кога беснееше КОВИД-19 пандемијата – решивме да работиме на една многу подлабока трансформација на регионална економска интеграција. Ние сме посветени повеќе од кога било на спроведувањето на четирите слободи на ЕУ:

• Слободно движење на стоки, преку зајакната инфраструктурна на граничните премини, 24/7 работа за сите гранични авторитети и со проширување на зелените коридори од Западен Балкан кон ЕУ;

• Слободно движење на услуги, преку взаемно признавање на професионалните квалификации, воведување систем без дозволи за интеркомпаниски трансфери во рамките на WB6, меѓусебно признавање квалификувани електронски потписи и други доверливи услуги;

• Слободно движење на луѓе, преку овозможување мобилност на студенти, научници и истражувачи, меѓусебно признавање на професионалните квалификации и отстранување на визите за туристите;

• Слободно движење на капитал, преку усогласување на пристапот кон регулаторната рамка на ЕУ за финансискиот пазар.

Како што е очигледно, нашата политичка волја и посветеност на регионалната соработка се резултат на заеднички препознаени интереси кои се однесуваат на развојните приоритети на економија на нашите земји и нивно ставање во контекст на регионалниот развој со цел да се создаде регионална економска област, заснована врз заеднички правила и еднакви услови на конкуренција.Владата на Република Северна Македонија е целосно посветена на регионалната економска интеграција. Нашите насочени активности вклучуваат вкрстени мерки како што се:

• Проширување на Зелените коридори кон соседните земји на ЕУ,

• Усогласување на националното законодавство со правилата и стандардите во согласност со ЕУ и обезбедување можности за компаниите и граѓаните;

• Усогласување на политиките за инвестиции со стандардите на ЕУ, најдобрите меѓународни практики и промовирање на регионот пред странските инвеститори; во областа на интеграција на Западен Балкан во европскиот дигитален пазар и во областа на трансформација на индустриските сектори,

Преку решавање на предизвиците поврзани со производство, складирање и дистрибуција на енергија засновани врз неутрални климатски технологии и технологии со ниска емисија на јаглерод, Владата на Северна Македонија целосно го поддржува планот за економски инвестиции за Западен Балкан. Заедничкиот регионален пазар е успешен пример за мотивација на регионот да започне нови регионални иницијативи насочени кон приближување на земјите од Западен Балкан на внатрешниот пазар на ЕУ. Со спроведувањето на Акцискиот план за заеднички регионален пазар како двигател на економскиот раст за Западен Балкан, создаваме подобри работни места, поголем избор по пониски цени. Патувањето, студирањето, работењето и водењето на бизнис во регионот е полесно без бариери. Со нашата цел кон интегриран пазар, воведуваме дополнителен раст на БДП во регионот, бидејќи заедно сме посилни, што го прави Западен Балкан попривлечен, поконкурентен и поблиску до пазарите на ЕУ.Нашата цел е исто така да ја зголемиме привлечноста на регионот за странските инвеститори и да олесниме поголем прилив на инвестиции преку заедничко задржување на инвестициите. Со регионално усогласување на политиките за инвестиции и подобро координирана промоција на проценките, ќе им дадеме јаки страни на нашиот значителен потенцијал за економиите од Западен Балкан да ја зголемат нивната привлечност за странско директно инвестирање“, рече Заев.

Верувам дека сите шест земји од Западен Балкан, додаде тој, ќе останат целосно посветени на понатамошното спроведување на резултатите за овој Самит во секоја клучна област.

“Исто така, сакам да им оддадам почит на сите експерти и претставници од администрацијата од мојата земја, од сите други земји на Западен Балкан и од регионалните институции/секретаријати, кои сѐ и ќе продолжат да бидат ангажирани во работните групи и преговарачки тимови во подготовката на документите и другите бенефити кои произлегуваат од овој Самит. Сите тие завршија одлична работа и заслужуваат целосно признание. На крај, но не и најмалку важно, преку исполнување на нашите заложби, наследството на Берлинскиот процес ќе се одржи, развива понатаму и ќе се спроведува. Ќе обезбеди постојано политичко ангажирање, со интензивен преглед на усвоените бенчмаркови од страна на Европската Комисија , земјите-членки на ЕУ и Германија, особено како нејзин иницијатор, за унапредување на регионалната интеграција во согласност со стандардите на ЕУ и со тоа да се направи пореално ЕУ-инклузивно проширување”, рече Заев.

Фото: Pexels