Реколтата за откуп на тутун во 2014 година ќе биде помала за 17%

29

Околу 17% помалку ќе тежи годинашната реколта тутун, но сите производители кои лани склучија договори за откуп, тоа ќе може да го сторат и во 2014 година.
Со ова намалување на производството што денеска на средба го договорија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за земјоделство Љупчо Димовски, претставниците на тутунарите и откупните компании, заштитена ќе биде најранливата категорија производители која се занимава со оваа дејност од егзистенцијални причини и остварува максимален принос до 500 килограми.
“Во оваа тешка ситуација кога сите се соочивме со сериозен проблем однадвор, најдовме решение кое ќе ги задоволи сите страни. За 24.500 тутунари од вкупниот број, речиси ќе нема намалување на производството. Производителите може да бидат спокојни, ќе се заштитат сите што одгледуваат тутун од егзистенцијални причини. Може да бидат убедени и во сигурен пласман”, изјави Ставрески.
Тој појасни дека при склучувањето на договорите што треба да заврши до 10-ти април, количините ќе се усогласуваат пропорционално.
“Од вкупно 34.600 производители кои лани склучиле договори за откуп, 10.726 лица произведуваат до 500 килограми тутун и тие не треба да го намалат производството. Следната категорија која произведува од 500 до 1.000 килограми, а брои вкупно 13.803 лица, ќе треба да го намали производството за минимални 5%. Кај тутунарите, 8.190, кои произведуваат од 1.000 до 2.000 килограми, намалувањето ќе изнесува 20%“, напомена Ставрески.
Според Димовски, практично е планирана производна количина од 25.000 до 26.000 тони која ќе се пласира без никаков проблем.
Проблемот со евентуалното намалување на количините тутун во земјава е последица од намалената побарувачка на суров тутун на светскиот пазар. Поради тоа откупните компании се соочија со притисок, за редуцирање на откупот.