Рекорден број патници на аеродромите во земјите од поранешна Југославија

18

Фото: Pixabay

Аеродромите во земјите од поранешна Југославија опслужија рекордни 27 милиони патници во текот на 2018 година, пишува Exyuaviation.

За прв пат, низ десет аеродроми поминаа повеќе од милион патници, а на листата минатата година се приклучи и аеродромот во Сараево. Сплит втора година по ред е аеродром со најголем број нови патници, додека скопскиот аеродром има најголем процент на раст (15,5%) во однос на 2017 година.

Белградскиот аеродром Никола Тесла ја задржа позицијата на најфреквентен аеродром од земјите во поранешна Југославија, пречекувајќи над 5,6 милиони патници. Хрватска, пак, може да се пофали како земја што има најактивен воздухопловен пазар со 10,5 милиони патници што ги користеа услугите на деветте комерцијални аеродроми.

Се очекува скопскиот аеродром да продолжи да расте и во текот на оваа година, со помош на воведување четири нови дестинации преку нискобуџетната авиокомпанија Wizz Air.

Од помалите аеродроми во поранешна Југославија, раст од 15,8% забележа и аеродромот во Охрид со 184.283 патници во текот на минатата година. Во оваа група најголем раст од 73,4% има аеродромот во Бања Лука со 36.180 патници.