Рекордна инфлација во Словенија од 11 проценти

59

Цените на намирници во Словенија се зголемени за еден отсто во јули во однос на јуни, додека растот на цените на годишно ниво е 11 отсто, што е исто како и официјалната инфлација, објави во петокот словенечкиот завод за статистика, а пренесува Хина.
Ова е најголем месечен и годишен пораст на цените во Словенија по 1995 година, а најголем придонес за тоа, заедно со цените на енергенсите, имаше и поскапувањето на храната.

Зголемувањето на цените во Словенија мерено со усогласениот индекс на дневни потреби што го применува Европскиот завод за статистика е уште поголем и изнесува 11,7 отсто, додека во јули минатата година изнесуваше само два отсто.

За високата инфлација најмногу придонесоа енергетските производи кои во просек се поскапи за десет отсто во однос на пред една година.

За една година течните горива поскапеле за 49,7 отсто, храната поскапела за 13,5 отсто, а струјата поскапела за 30,4 отсто.

Цените на стоките на годишно ниво се зголемени во просек за 14,6 отсто на годишно ниво, а цените на услугите за шест отсто.

Инфлацијата во Словенија, која е членка на Европската монетарна унија од 2007 година, во моментов е повисока од просекот во еврозоната, кој, според првата проценка објавена денеска од Европската статистичка служба, изнесува рекордни 8,9 отсто, а чие зголемување продолжува да потекнува пред се од високите цени на енергијата.