Рекордна посетеност на Октоберфест: 7,2 милиони посетители

На минхенскиот Октоберфест годинава е постигнат рекорд – 7,2 милиони посетители. По 1984 и 1985 година, ова е само трет пат во историјата најголемиот фестивал на пивото во светот да го посетуваат повеќе од седум милиони луѓе.

7,2 милиони посетители – тоа значи дека Октоберфест 2023 го надмина рекордот стар речиси 40 години, соопшти управата на фестивалот. По 1984 година (7 милиони) и 1985 година (7,1 милиони), повеќе од седум милиони луѓе го посетија Октоберфест оваа година по трет пат.

Сепак, поради националниот празник Денот на германското обединување, кој се слави на 3 октомври, Октоберфест годинава траеше 18 дена – два дена подолго од вообичаеното.

Биланс на Октоберфест
Веќе на половина пат од фестивалот беше очигледно дека овогодинешниот Октоберфест ќе биде успешен. На прес-конференцијата одржана во вторникот за овогодинешниот успех говореа претставници на градот, полицијата, противпожарната и медицинските служби и директорот на Октоберфест, Клеменс Баумгертнер, пренесува ДВ.

Пивото поскапе и оваа година – половина литар чинеше меѓу 12,60 и 14,90 евра. Но, тоа очигледно не влијаеше на посетителите. Според директорот Баумгартнер, продажбата на храна и пијалоци се зголемила за 15 отсто – а продажбата на безалкохолни пијалоци исто така била поголема од минатата година.

Најголем дел од гостите беа од Минхен и неговата околина, но и од Франција, Италија и САД.