Рекордна продажба на луксузни недвижности во Дубаи во вториот квартал

Пазарот на луксузни недвижности во Дубаи продолжи да поставува рекорди во вториот квартал од 2025 година, и покрај геополитичките тензии и економските превирања предизвикани од новите тарифи.

Според истражувачката фирма „Најт Френк“, продажбата на недвижности во вредност од над 10 милиони долари достигнала вкупно 2,6 милијарди долари помеѓу април и јуни. Ова претставува раст од 37 проценти во споредба со првиот квартал и дури 63 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година, објавува „Блумберг“.

Вкупно се регистрирани 143 трансакции, што е за 52 проценти повеќе од претходната година, а меѓу нив 22 продажби надминале 25 милиони долари, и покрај 12-дневната војна меѓу Израел и Иран, во која на крајот биле вклучени и САД, што накратко го довело пазарот на недвижности во Дубаи во застој.

Исто така, пазарот бил под притисок поради новите тарифи воведени од американскиот претседател Доналд Трамп, кои ги вознемирија глобалните финансиски пазари.

Цените во 10-те најпрестижни населби во Дубаи се зголемиле во просек за 18 проценти во споредба со минатата година, додека останале речиси непроменети во споредба со првиот квартал. Ова, според „Најт Френк“, покажува дека зголемувањето на вкупната вредност на продажбата е резултат на поголема активност на пазарот, а не на инфлација на цените.

За прв пат од вториот квартал на 2023 година, продажбата на луксузни станови ја надмина продажбата на вили, со продадени 80 станови и 63 вили или едносемејни куќи. Од 2020 година, побарувачката за недвижности во Дубаи нагло се зголеми, благодарение на ефикасното управување со пандемијата и либералната визна политика, што привлече странски купувачи.

Особено, секторот за луксузни недвижности е зајакнат, вклучувајќи ги и вилите на вештачки палмини острови, кои станаа омилена дестинација за богатите иселеници.

Фото: Pixabay