Рекордни 3,44 милијарди литри сладолед во ЕУ: Германија лидер во производство, Франција во извоз

Минатата година во Европската Унија се произведени 3,44 милијарди литри сладолед, што е за 1,9 проценти повеќе во однос на претходната година, објави Евростат.

Германија остана најголем производител, со произведени 608 милиони литри сладолед, но нејзиното производство се зголеми за само 0,2 проценти, што е најмало зголемување меѓу петте најголеми производители во ЕУ, пренесува ДПА.

На второ место е Италија, каде што се произведени 549 милиони литри сладолед, односно десет проценти повеќе отколку во 2024 година.

Следуваат Франција со 525 милиони литри и раст од четири проценти, Шпанија со 457 милиони и раст од два проценти и Белгија со 274 милиони литри и шест проценти поголемо производство.

На листата на која се наоѓаат и земјите од Европскиот економски простор и Западен Балкан, Србија е веднаш по овие пет земји, со 86 милиони литри произведени сладолед во 2025 година.

Минатата година од земјите на ЕУ во земји надвор од Унијата се извезени 289,8 милиони килограми сладолед, а увезени се 77,8 милиони килограми.

На годишно ниво, извозот се зголемил за десет проценти (26 милиони килограми), а увозот за 12 проценти (8,5 милиони килограми).

Најголем извозник, како и во претходните години, беше Франција, која извезе 59,1 милиони килограми сладолед во земји надвор од ЕУ, што е една петтина од вкупниот извоз од ЕУ.

По Франција, земјите од кои е извезен најмногу сладолед се Италија, Белгија, Германија и Холандија.