Рекордни 6,1 милиони нови имигранти во земјите на ОЕЦД

37

Со 6,1 милиони „нови, постојани имигранти“, односно со пораст од 26 проценти во однос на претходната година, „имиграцијата во земјите на Организацијата за економска соработка и развој [ОЕЦД] во 2022 година достигна невидено ниво“.

Минатата година, повеќе од секоја трета земја забележала „невиден прилив на мигранти најмалку 15 години“, се наведува во извештајот на ОЕЦД, пренесува Хина.

Повеќе од 300.000 мигранти влегле во Франција, 471.000 во Шпанија и 122.000 во Белгија.

Во исто време, неколку земји соборија апсолутни рекорди по бројот на новопристигнати, како Велика Британија (521.000) или Канада (437.000), покажуваат податоците на ОЕЦД.

Потребата од работна сила
На тие бројки треба да се додадат околу 4,7 милиони Украинци во 38 земји на ОЕЦД.

Земјите на ОЕЦД, исто така, забележаа рекорден број на барања за азил.

Во САД во 2022 година пристигнале 1,05 милиони мигранти, од кои 730.000 побарале азил.

Оваа глобална динамика е поврзана и со фактот дека на земјите од ОЕЦД им недостасува работна сила.

Регулираната имиграција на странски работници сочинува 21 отсто од новопристигнатите, а истиот процент се припишува на пристигнувања од хуманитарни причини.