Рекордни 84 основни и средни училишта пријавени за Европскиот квиз на пари

70

Денес Македонската банкарска асоцијација во соработка со Народната банка и Комисијата за хартии од вредност одржа виртуелен настан на кој пријавените ученици и нивните ментори  беа запознати  со текот на овогодинешниот национален и финален натпревар на Европскиот квиз на пари. Нашата земја по петти пат е дел од овој значаен проект на Европската банкарска федерација, наменет за финансиска едукација на учениците од 13 до 15 години. На работната средба менторите од 84 основни и средни училишта од нашата земја, најмногу досега, и нивните ученици од 177  класови беа запознаени со сите аспекти на натпреварот.

Претставниците од Народната банка и Комисијата за хартии од вредност дадоа краток осврт на едукативните материјали, а беше спроведена и кратка вежба на електронската платформа „Кахут”, преку која ќе се одвива натпреварот.

Националниот натпревар ќе биде во два круга: во првиот кој ќе се одржи виртуелно ќе се одберат најдобрите 3 тима, додека во вториот 3-те најдобри тима ќе се натпреваруваат во живо за титулата национални шампиони. Првиот круг ќе се одржи на 20 март, а финалниот круг на кој ќе ги дознаеме двајцата ученици коишто ќе ја  претставуваат нашата земја на европското финале ќе се одржи на 24 март 2023 година.

Оваа година, по 3-годишен прекин на дружбата на националните шампиони поради пандемијата, повторно победничкиот тим заедно со нивниот ментор на 15 и 16 мај 2023 година  ќе патуваат во Брисел, Белгија, каде ќе ги тестираат своите знаења со победниците од другите земји на големото европско финале.