Рекордно производство на нафта оваа година

Глобалното производство на нафта во 2023 година ќе достигне рекордна количина од 101,3 милиони барели дневно, а во 2024 година ќе се искачи на 102,3 милиони барели дневно, се наведува во извештајот на Меѓународната агенција за енергија IEA.

САД ќе продолжат да доминираат во земјите кои не се членки на ОПЕК плус во однос на растот на производството.

Според овој извештај, прилагодувањето на квотите за поединечни земји членки на ОПЕК плус нема да има значително влијание врз глобалното снабдување со нафта оваа година.

Сепак, ИЕА предвидува глобален дефицит на нафта следната година, особено во втората половина. Истовремено, земјите кои не се членки на групата ОПЕК плус ќе ја зголемат глобалната понуда за 1,9 милиони барели дневно во 2023 година и за 1,2 милиони барели дневно во 2024 година, додека земјите од оваа група доброволно ќе ги намалат испораките за 200.000 барели на ден во 2024 година.

ИЕА вели дека глобалната понуда на нафта е намалена за 660.000 барели дневно во мај 2023 година поради почетокот на доброволното намалување на производството од страна на некои членки на групата ОПЕК плус.