Рекордно производство на сончева енергија во ЕУ

253

Снабдувањето со сончева енергија во Европската унија се зголеми во текот на јуни и јули 2021 година на рекордно високо ниво, што претставува 10 проценти од вкупната електрична енергија произведена во регионот, се наведува во денешниот извештај на независниот истражувачки центар за климатски промени Ембер.

Во 27-члениот блок е произведено скоро 39 терават часови (TWh) енергија од соларни панели во текот на јуни и јули, што е за 10,9 TWh повеќе отколку во 2018 година, според податоците на Ембер, пренесе Ројтерс.

Нови рекорди беа поставени во осум земји на ЕУ, вклучувајќи ги Шпанија и Германија, каде што и производството и употребата на соларни панели се зголемија, се вели во извештајот.

Аналитичарот на Ембер, Чарлс Мур вели дека производството на електрична енергија од сончева енергија расте на клучните пазари за соларна енергија, но дека “генерално, не расте доволно брзо“.

Вкупното производство од соларни панели заостанува зад електричната енергија од јаглен, што претставуваше 14 проценти од вкупното производство на електрична енергија во ЕУ во јуни и јули, се вели во студијата.

Како дел од пакетот за климатска политика, Европската комисија предложи ревизија на правилата за обновлива енергија, со што се дефинира колку брзо блокот мора да ја зголеми употребата на извори како што се ветер, сонце и енергија од биомаса, произведена со горење дрвени пелети или иверица.

ЕУ постави привремена цел да го зголеми учеството на обновливата енергија во финалната потрошувачка на 40 проценти до 2030 година, од ниво од приближно 20 проценти во 2019 година.

Податоците на Ембер покажуваат дека Германија ја задржа водечката позиција во регионот со најголемо учество на сончевата енергија во вкупното производство, што се зголеми од 11,5 TWh на 13,4 TWh, што претставува 17 проценти од вкупната електрична енергија произведена во земјата во текот на летниот период 2021 година.

Шпанија го забележа највисокиот раст на производството во текот на летото во последните четири години, што се зголеми двојно – од 3,1 TWh во 2018 година на 6,4 TWh оваа година, што претставува 16 проценти од вкупното производство на електрична енергија во земјата од почетокот на 2021 година.

Холандија е вториот по големина производител на соларна енергија во изминатите четири години, речиси тројно зголемувајќи ја на 3,2 TWh од 1,1 TWh произведена во 2018 година. Уделот на сончевата енергија во вкупното производство на електрична енергија се зголеми за 10 проценти на 17.

Италија е третиот најголем производител на енергија од соларни панели во 2021 година, но не забележа значителен раст во набљудуваниот четиригодишен период, бидејќи, според Ембер, го зголеми производството од 5,7 TWh на околу 6,0 TWh.

Снабдувањето со соларна енергија во ЕУ се зголемува во просек за 14 TWh годишно во 2019 и 2020 година, и се проценува дека е исто во тековната година, но овој раст ќе треба да се удвои до 30 TWh годишно за да се исполнат климатските цели планирани за 2030 година, се наведува во извештајот.