Релакс

60

Фото: Pixabay

Луѓе, стресот е многу лоша работа и тој влијае на нормално расудување и позитивно расположение. Стресот, како тема, е веќе толку актуелна што има многу предавања и само за тоа се зборува. Да, мислам дека стресот ни е наметнат како нормален начин на живеење…

И кога веќе тој е дел од нашето секојдневие, се поставува прашањето што може да направиме за негово намалување или, пак, контролирање. Кога зборам за контролирање, не мислам дека може да се контролирате кога ќе бидете под стрес, а кога не, туку повеќе на контрола на стресот и негово канализирање и брзо отстранување од вас…

Но, бидејќи дома ви е дома, не знам колку можам да ви бидам од помош, но барем на работа немојте да имате стрес или да се вознемирувате. Тоа може да го направите ако си направите опуштена/релаксирана атмосфера. Знам дека е лесно да се каже, дај да те видам да се имплементира, ама сепак, ова ви го кажувам од искуство и затоа го споделувам со вас:

  • Моментална ситуација – согледајте ја моменталната ситуација, свртете се назад за да видите што сте сакале да направите, а каде сте всушност. Е добро де, па што ако не ви се остварило тоа што сте мислеле дека требало да го сторите.  Не е крај на светот! Се мачиме беЗвезе!
  • Негативни луѓе – намалете го опкружувањето со негативни луѓе или ако веќе не можете да го намалите опкружувањето, тогаш барем намалете ја комуникацијата.
  • Земете воздух – кога ќе дојде стресот, немојте веднаш да дигате паника. Земете воздух, избројте до 10, излуфтирајте се. Да бе, сите ова го знаеме, но дали некој од вас го има ова навистина, туку секогаш било времето како изговор.
  • Биоритам – сменете биоритам. Моменталниот можеби не ви е добар штом лесно можете да влезете во друга, стресна димензија, па потребна е промена, станувајте порано, легнувајте порано, физички активности, сменете храна…
  • Работно место – ако ви е здодевно работното место, направете реорганизација. Тоа што било до сега лево, нека биде десно и обратно… или, исчистете сè, фрлете сè во канта за отпадоци и почнете од почеток. Дополнително на ова, ако можете, сменете го работно место со друг колега.
  • ПроФорма – не ги правете работите проформа или реда ради!
  • Одговорност – ако сте кажале или сте ветиле нешто дека ќе направите, застанете зад тоа,  а не после тоа да се објаснувате дека тоа што сте го кажале всушност не сте го мислеле или ви го извадиле од контекст или не знам, ете се случило. Немањето на одговорност кон работите, само ве прави двосмислени во очите на другите, а двосмисленоста многу лесно може да ве доведе во стресна ситуација.
  • Ветувања – пазете што ветувате, затоа што понекогаш тие ветувања може да ве доведат до стресна ситуација.
  • Отворена комуникација – имајте почести неформални дружби со колегите, запознајте се подобро, олеснете си ја вашата соработка со нив, ќе ви требаат, а и работната атмосфера ќе ви биде порелаксирана. А и да дојде некоја стресна ситуација, лесно ќе може сите набрзинка да се справите со неа.

Со релаксирана атмосфера на работа, вие сте попродуктивни, автоматски и продуктивноста во целата компанија е поголема…