Renault R5 Turbo 3E е модерна ЕВ верзија на култниот модел

14

Следејќи ги стапките на Renault 5 Turbo и Turbo 2, француската компанија го ревидираше и популарниот хот хеч за престојната електрична ера

Во пресрет на претставувањето на сериската верзија на новиот R5 EV, Renault за последен пат подготви еднократна „електромод“ верзија на култното супермини R5 Turbo. Концептот R5 Turbo 3E е целосно електричен хот хеч со 380 КС и редизајнирана надворешност инспирирана од видеоигрите.

R5 Turbo 3E е продолжение на сериските модели R5 Turbo и R5 Turbo 2 од 80-тите, изградени на тубуларна шасија со шипки одобрени од FIA. Како што навестува буквата Е на името, сепак, оваа е целосно електричен модел. И покрај тоа што инженерите на Renault можеа да го направат неверојатно моќен, тие сепак избраа „поразумна“ моќност 380 КС и монструозни 700 Nm кои се испорачуваат од електромоторите поставени на задната оска.

Енергијата на погонската група ја добива од литиум-јонска батерија од 42 kWh, поставена под подот. Renault не ги објави бројките за опсегот, но целосното полнење трае само 2 часа преку полнач од 380V. Батеријата тежи 520 кг, но остатокот од возилото ја носи стрелката на вагата до 980 кг, што го прави прилично лесен за еден електричен автомобил. Што се однесува до перформансите, овој електричен хот хеч забрзува од нула до „стотка“ за 3,5 секунди (или 3,9 секунди во режимот Drift), при што максималната брзина е електронски ограничена на 200 километри на час.

Еволуција на дизајнот

Што се однесува до дизајнот, R5 Turbo 3E е модерна реинтерпретација на своите претходници, останувајќи верен на оригиналниот рецепт со малку претерани пропорции и модерни стилски знаци инспирирани од видеоигрите. Концептот е долг 4.006 милиметри, широк 2.020 мм и висок 1.320 мм, со меѓуоскино растојание од 2.540 мм. Сите тие бројки се зголемени во споредба со R5 Turbo со мотор на внатрешно согорување, со исклучок на висината која е идентична.

Каросеријата од карбон е обоена во необична боја, комбинирана со розов плексиглас и бандажи во аеро-стил со димензии 19 инчи напред и 20 инчи позади. Бодикитот е редизајниран, со уште полуди аеро компоненти од порано, вклучувајќи истакнат преден сплитер, жолто обоени доводи, ултра широки предни и задни браници и масивен заден спојлер.

Предните светла се заменети со розови, сини и жолти LED ленти заедно со дополнителни LED диоди во стил на рели на браникот. Слично на тоа, задните светла се помали, што остава повеќе простор за отворите. Некои од иконските карактеристики се реинтерпретирани, како што е лопатката на хаубата што сега го сместува портот за полнење на батеријата и влезовите што обезбедуваат одличен поглед на ЕВ архитектурата.

Микс на ретро и модерно

Во внатрешноста се наоѓаат две тркачки седишта од карбон од Sabelt, футуристичка дигитална инструмент табла со 10 мали екрани, контролна табла во ретро стил, тапацир од тартан и Алкантара, централен тунел обоен во жолта боја и рачна дрифт сопирачка. Возачот може да избира помеѓу различни режими, вклучувајќи Turbo, Track Invader, Donut итн. Покрајова, возачот и совозачот на R5 Turbo 3E ќе носат специјални одела на модниот дизајнер La Fameuse за време на неговата премиера.

R5 Turbo 3E ќе го има своето јавно деби на натпреварот Chantilly Arts & Elegance 2022 на 25 септември пред да биде изложен на штандот на Renault на Саемот за автомобили во Париз во 2022 година во октомври.

Преземено од Avtoplus.mk