Renault затвора 2.000 “застарени“ работни места во Франција

22

Францускиот производител на автомобили Renault најави укинување на најмногу 2.000 инженерски и работни места во Франција, како дел од пренасочувањето кон производството на електрични автомобили. Раководството на фирмата наскоро ќе почне и преговори со синдикатите за нови планови, објави Renault.

Француската автомобилска компанија преговара со синдикатите за укинување на 1.600 инженерски и 400 помошни позиции помеѓу 2022 и 2024 година, пренесува агенцијата Блумберг. Во истиот период, ќе регрутира 2.500 нови луѓе, вклучително и експерти во науката за податоци и хемискиот механизам на батерии за електрични возила.

Бидејќи француската држава е и најголем акционер на Renault, извршниот директор на компанијата Лука де Мео мора да одржува рамнотежа во обид да го трансформира производството.

Познатиот производител на автомобили минатата година објави дека ќе укине околу 14.600 работни места ширум светот – вклучувајќи 4.600 во Франција – и ќе го намали производствениот капацитет за речиси една петтина во следните неколку години.