Рено ги зголеми приходите во третиот квартал

46

Францускиот производител на автомобили Renault објави силен раст на приходите во третиот квартал во петокот благодарение на повисоките цени кои ја надоместија помалата продажба на возила.
Вкупните приходи на групацијата се зголемија во периодот од јули до септември за 20,5 отсто, на 9,8 милијарди евра.

Од Renault истакнуваат дека постигнале „најдобри ценовни перформанси“ од своето основање, бидејќи продале 2,4 проценти помалку возила отколку во истиот период лани.

Глобалните производители на автомобили се борат со недостиг на полупроводници, зголемени трошоци за енергија, тесни грла во синџирите на снабдување и знаци на рецесија во Европа.

Renault беше еден од првите што се сврте кон производството на електрични возила и се обидува да се репозиционира како производител на поскапи модели, како што се Megane и Austral, а во исто време да ја зачува базата на клиенти на подостапни возила.

Компанијата влегува во последниот квартал од оваа година во услови на големи предизвици, финализирајќи ги плановите за одвојување на одделот за возила со термо мотори од одделот за електрични возила и преговарајќи со јапонскиот Nissan за промени во стратешкото партнерство.

Renault е најголемиот акционер на Nissan, со 43 отсто од акциите. Nissan поседува 15 отсто од акциите во Renault.

Двете компании минатата недела објавија дека преговараат за нова фаза од партнерството, која би можела да вклучи инвестиција на Nissan во новиот проект на Renault во областа на електричните возила.