
Со оглед на тоа дека неговата цена би можела да изнесува околу 25 илјади евра, ова би можело да биде еден од најпопуларните електрични автомобили.
Кон крајот на февруари во Женева ќе се одржи традиционалниот саем за автомобили, каде очекуваме бројни новитети, а не е тешко да се погоди дека фокусот ќе биде ставен на електрификацијата, односно изложбата и презентацијата на се поголем број електрични Автомобили. Рено подготвува и една од своите премиери за Женева. Тактиката на оваа компанија на пазарот на електрични автомобили е да оживее некои од своите традиционални и добро познати модели и да ги претстави во електрично руво, како што се моделите Renault 4 и 5.
Компанијата веќе го покажа прототипот на електричната верзија на петката, а финалната, односно сериска верзија на овој модел ќе ја претстави на споменатиот салон во Женева. Два месеци пред официјалното претставување на таа верзија, Renault објави тизер видео во кое го најавуваат „враќањето на револуцијата“.
Според некои досегашни информации, дизајнот на финалниот модел не би требало премногу да се разликува од претходно претставениот прототип, а истото го потврдува и објавеното видео.
Според шефот на Рено, Лука де Мео, тоа е најзабавниот мал електричен автомобил досега. Тој веќе го тестираше и едвај го чека неговото официјално претставување во Женева, како и почетокот на преднарачките. Од Renault се уште не се огласиле, а веројатно нема да дознаеме пред официјалното претставување на 26 февруари, но компанијата претходно спомена цифра од околу 25.000 евра.
Фото: Renault











