
Кулата на познатата париска катедрала Нотр Дам, која изгоре и драматично се урна за време на огромен пожар во 2019 година, ќе биде обновена, а самата црква ќе биде отворена за јавноста во 2024 година, по реновирањето кое досега достигна цена од околу 846 милиони евра.
И покрај серијата големи неуспеси во проектот за реставрација кој беше без преседан и во обем и во дизајн, повторното отворање на најпосетуваната зграда во Европа – во која имаше околу 12 милиони туристи една година пред да изгори – е закажано за 8 декември 2024 година.
До крајот на оваа година, ако се оди според планот, ќе биде завршен еден од најкритичните делови од воскреснувањето на зградата: поставувањето на масивната дабова рамка на високата камбанарија. Тоа е еден вид подвиг бидејќи ги комбинира модерните и средновековните методи на градба, од витално значење за обновувањето на еден од најважните центри на католицизмот во Франција, пишува Блумберг.
По пожарот што уништи дел од Нотр Дам на 15 април 2019 година, францускиот претседател Емануел Макрон вети дека ќе ја обнови 860-годишната катедрала (но уште постара ако се брои почетокот на нејзината изградба) користејќи донации, вклучително и од најбогатите граѓани. Реконструкцијата ги тестираше вештините на локалните занаетчии и ја најави трансформацијата на филантропската традиција на земјата.
Донаторска комисија од 21 член ја надгледуваше работата. Меѓу нив се Бернар Арно, вториот најбогат човек во светот и водач на модната империја LVMH, Франсоаз Бетенкур Мејерс, наследничка на богатството на Лореал и најбогатата Французинка; Франсоа Пино, основач на Керинг, кој е сопственик на Гучи, и директори на големи француски компании како нафтениот гигант ТоталЕнерџис, Санофи и БНП Парибас.











