Преку претставување на придобивките од осигурувањето од земјотрес, реосигурителната компанија Европа Ре и осигурителната компанија Албсиг се вклучија во првиот саем за проектот Купи куќа, купи стан, кој од денеска до 28-ми октомври се одржува во трговскиот центар Skopje City Mall во Скопје.
На промотивниот штанд, посетителите на саемот можат да ги добијат сите неопходни информации за првото сеопфатно осигурување од земјотрес (Swiss Visual Pro) на пазарот во Македонија, како дел од програмата на Европа Ре, и за осигурувањето на домаќинства, продукти кои Албсиг ги нуди по поволни цени, прилагодени за проектот Купи куќа, купи стан.
“Среќни сме што заедно со нашите партнери сме дел од овој настан кој ни овозможува да реализираме значаен дел од мисијата на Европа Ре. Имено, тука сме пред се да им помогнеме на граѓаните и бизнис секторот во земјата да ги проценат потребите од осигурување и за навистина пристапна цена да обезбедат долгорочна финансиска стабилност и заштита за својот имот од ризиците од природните катастрофи, како што се земјотресите, кои можат да се случат секаде, во секој момент и можат да го погодат секого“, вели Андреј Ѓокиќ од претставништвото на Европа Ре во Македонија.
Покрај информации и одговори на прашањата поврзани со осигурувањето од земјотрес, како и домаќинско осигурување, заинтересираните граѓани ќе можат од прва рака да добијат и конкретни пресметки за цената на полисите кои ги нуди Друштвото за осигурување Албсиг АД Скопје, прва сертифицирана компанија на домашниот пазар која се вклучи во регионалната програма на Европа Ре за осигурување на имот од природни катастрофи и временски непогоди.
“Колку и да сме внимателни и да го штитиме својот имот, некои работи во животот не можеме да ги контролираме, особено кога станува збор за природните катастрофи. Планираме, вложуваме и го градиме својот дом и бизнисот цел живот, а само една непогода може да ни земе сè што сме создале. Затоа тврдам дека вложувањето во осигурување од земјотрес е неопходна, но и исплатлива инвестиција“, изјави Исни Абази, директор за маркетинг и продажба во Албсиг.
Европа Ре исто така неодамна ја промовираше и специјалната интерактивна интернет страница www.catmonitor.com, каде граѓаните можат да добијат појасна слика за изложеноста на нивниот постоен или нов стан, куќа или деловен објект на ризик од земјотрес, со што лично можат да ја проценат потребата за осигурување од ваков вид природни катастрофи.
Европа Ре е друштво за реосигурување, со седиште во Швајцарија, одговорно за имплементирање на програмата за осигурување од ризици од катастрофи и временски неприлики во Југоисточна Европа. Основачи и главни акционери на компанијата се Владите на Македонија, Србија и на Албанија, а истовремено таа е поддржана и од Светската Банка, Европската Унија, Обединетите нации, Швајцарскиот секретаријат за економски прашања и Глобалната мрежа за животна средина. Седиштето на Европа Ре е во Швајцарија. Компанијата работи на пазарите во Србија, Албанија и Македонија.