Реплек со нова инвестиција од 2 милиони евра за зголемени капацитети и технолошка модернизација

Нова значајна инвестиција на Реплек во зголемени капацитети и подобрена ефикасност во производствениот процес

Реплек инвестираше во нов технолошки современ производствен блок по највисоки фармацевтски стандарди, со што значајно се модернизира и автоматизира производствениот процес. Со оваа нова инвестиција, Реплек го зголемува производствениот капацитет за примарно и секундарно пакување на цврсти фармацевтски форми за 25%. На овој начин истовремено се воведува и врвна фармацевтска технологија која овозможува зголемување на оперативната ефикасност и натамошно усогласување со највисоките стандарди за квалитет и безбедност. Во рамки на новиот производствен блок е инсталирана најсовремена технолошка линија во која се вградени напредни системи и вештачка интелигенција за контрола на квалитетот во реално време.

Новата производствена технолошка линија се состои од пет интегрирани единици, поставени во единствен тек со вкупна должина од 16 метри, со што се обезбедува максимална автоматизација, контрола и следливост. Линијата е проектирана согласно највисоките стандарди во фармацевтската индустрија и се состои од целосно автоматизирана единица од реномираната италијанска компанија Marchesini Group, која овозможува брзо и прецизно блистирање, картонирање и серијализација – до 220 блистери во минута. Во новиот производствен блок е позиционирана нова машина за суво мешање IMA Cyclops, со двојно зголемен капацитет, нов магацин за полупроизводи, целосно нова перална и простории за чисти садови и целосна оптимизација на просториите за капсулирање.

Вредноста на оваа инвестиција изнесува над два милиони евра, а до крајот на годината планирани се вложувања во развојни проекти во висина од 10 милиони евра. Овие инвестиции се дел од долгорочната стратегија на Реплек за севкупна модернизација на производствените процеси кои треба да овозможат одржлив раст и дополнително зголемување на извозната конкурентност на компанијата.

Со оваа инвестиција, Реплек го потврдува својот стратешки фокус кон иновации, континуирано подобрување на производствените капацитети и обезбедување производи со врвен квалитет за корисниците и партнерите на домашниот и меѓународниот пазар.