Репутација

142

reputacija

Фото: Pixabay

Една од поважните работи во нашите животи, да не кажам и најважна капитална инвестиција на која треба да обрнеме внимание, е нашата репутација. Нашата репутација дома, на работа, пријателите, општествениот живот.

Многу малку внимание одаваме на нашата репутација и многу лесно си дозволуваме таа да биде разнишана, намалена, па и уништена. Да, има влијание моменталната ситуација во која се наоѓаме, опкружувањето, но не смееме да се вадиме на тоа и да не размислуваме на иднината. И тоа не само на нашата иднина, туку и на иднината на нашиот дом, работа, пријатели…
Сите ние правиме грешки при изборите што ги правиме или работите што ги извршуваме, и тоа е сосема човечки. Во тие моменти чувствуваме дека нема шанси да се поправи ситуацијата. Дека е потребно многу време за да ја вратиме или да ја поправиме репутацијата. Но верувајте, има начини како да ја вратиме или да ја поправиме репутацијата:

Планирајте ја иднината – направете план каква личност сакате да бидете во иднина и почнете да работите да им го покажете и докажете тоа на луѓето. Бидете свесни за тоа како луѓето не сакаат да ве гледаат и како вие сакате нив да ги гледате. Нека ви биде тоа ваша мисија.

Искреност – бидете искрени кон себе за грешката или грешките што ги имате направено. Ако треба и извинете се и почнете да работите на нивно поправање.

Трпеливост – потребно е време за добра репутација. Повеќе време е потребно за нејзино враќање. Но едно е важно, добрата репутација е потешко да се наруши.

Промени – почнете со мали промени. Почнете со промени во вашиот изглед (коса, облека, стил), со промени на местото на работење (работен простор) и опкружување. Немојте со нагли и големи промени, освен ако не сакате да си одите, да не кажам избегате.

Да, има многу начини како да ја вратите назад вашата нарушена репутација, но најважно е да сфатите дека е нарушена. Да си признаете самите на себеси и да почнете да работите на нејзино враќање, па и подобрување од претходно.
Имајте на ум дека репутацијата е како еден вид жива материја и мора да работите на нејзино одржување. Не можете да оставите да живеете на стара слава. Мора да се менувате и да се прилагодувате:

  • Подготвеност – немојте да дозволите на настани на кои сте повикани да доаѓате неподготвени.
  • Исполнете ги ветувањата – немојте да ја трошите надежта, времето или енергијата на луѓето околу вас со обврски што не можете да ги исполните.
  • Не се жалете – пробајте да ве запомнат како личност која е креативна и со интересни идеи.
  • Критики – задржете си ги критиките за другите за вас или, ако веќе мора да ги кажете, бидете внимателни и конструктивни. Од друга страна, пак, бидете отворени кон критиките што се упатени кон вас.

Без оглед што ќе направите, за да ја вратите или за да ја одржите вашата репутација, немојте во ниеден случај да пробате да се претворите во нешто што не сте. Запомнете дека треба да сте искрени кон себеси, но и кон пријателите, семејството или колегите.

Со успех во промените.