Рестриктивни мерки за работата на угостителските објекти

67

Владата на вечерашната осма седница ги усвои заклучоците од состанокот на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, со кои се предлагаат мерки за спречување од ширење на коронавирусот Ковид-19, соопшти владината прес-служба.

Информацијата уште претходно ја потврди министерот за здравство Венко Филипче, кој соопшти дека Владата ги прифатила предложените мерки на Комисијата за заразни болести, кои предвидуваат забрана за гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, ограничување на јачината на музиката до 55 децибели и намалување на бројот на лица кои може да седат на една маса во угостителски објект од сегашните 12 на четири.

“Во насока на намалување на ризикот од појава и ширење на КОВИД-19, Владата ги прифати и ги препорача следите рестриктивни мерки на Комисијата: Не е дозволено гостување на пејачи/музички групи/диџеи во угостителските објекти кои послужуваат пијалаци и храна, вклучително и во ресторанскиот дел на угостителските објекти за сместување (хотели/мотели), се ограничува максималното ниво на бучава во угостителските објекти на 55 децибели, во Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и во Протоколот за отворање и работа на кафетериите се ограничува дозволениот максимален број на лица на една маса на 4 лица“, се наведува во соопштението од владината седница.

Од Владата посочуваат дека ќе се инсистира на стриктно почитување на точка 3 од Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти и од Протоколот за отворање и работа на кафетериите, со која не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.

“Владата го прифати и укажувањето на Комисијата за потребата од строго почитување на забраната за работа на ноќни барови и дискотеки и потребата од преземање на ригорозни мерки од страна на надлежните институции во случај на прекршување на забраната“, се додава во соопштението.

Владата, исто така, ја одобри и препораката на Комисијата за отворањето на училишните кујни за децата со продолжен престој со стриктно почитување на правилата за добра производствена и хигиенска пракса утврдени со Закон за безбедност на храна, како и ХАССП стандардите и Протоколите за заштита од КОВИД-19, со напомена послужувањето на оброците да се реализира во училишните трпезарии водејќи сметка да не дојде до мешање на ученици од различни паралелки.

Фото: Pixabay